вторник, 22 октомври 2024

ДУИ башка ќе ја прослави годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор

Владата денеска ќе одржи свечена седница по повод 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор. На оваа седница ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити. ДУИ вчера испрати покани за одбележување на потпишувањето на Охридскиот договор во хотелот Александар Палас во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Меџити, како вицепремиер, во Клубот на пратениците организира и панел дискусија на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик”. Покрај вицепремиерот Меџити, како паналисти се најавени и министерот за локална самоуправа Златко Перински и професорите Ризван Сулејмани, Нано Ружин, Африм Османи и Бујамин Бела.

Вечерва вицепремиерот приредува прием во Музејот за современа уметност.

„Демократската унија за интеграција не може да стои со скрстени раце кога секојдневно се понижуваат Албанците и другите и кога се поништува секое достигнување во насока на еднаквоста. Затоа, го ангажиравме авторот на Охридскиот договор Пол Вилијамс и неговиот тим да изготват правна платформа за легитимност, при што првиот нацрт е веќе поднесен и ќе биде разгледан во рамките на Европскиот фронт, а потоа и јавно со академскиот свет, невладините организации, медиумите, граѓаните“, соопшти вчера ДУИ.

Тие 23- годишнинита од Охридскиот рамковен договор, ќе ја одбележат со настан насловен „Академија за легитимитет“ што ќе се одржи напладне во хотелот Александар Палас во Скопје. За ДУИ е навредливо тоа што Иван Стоилковиќ е вицепремиер и министер одговорен за Охридскиот договор, иако тој самиот ниту го признава ниту го почитува. Реагираат и дека бил намален буџетот за Охридскиот договор.

Од коалицијата Вреди, веднаш стигна реакција во која се вели дека ДУИ го користи Охридскиот рамковен договор како штит за своите поранешни корумпирани функционери.

„Демократската унија за интеграција секогаш имала тенденции да приватизира одредени настани. Сè уште не можат да прифатат дека се опозиција, им треба време и ќе се навикнат на тоа. Приватни журки и забави може секој да организира“, изјави вчера министерот за здравство Арбен Таравари.

„Ние ги повикавме на утрешниот настан што го организира Владата на Република Македонија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат нека си организираат. Историските настани никогаш не биле приватна припадност на некој“, изјави Таравари во врска со паралелната прослава на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери, и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел – 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ