недела, 13 октомври 2024

Дуда: Светот нема да ѝ прости на Русија доколку употреби нуклеарно оружје

Полскиот претседател Анджеј Дуда рече дека руските закани дека го задржува правото на користење нуклеарно оружје не се ништо ново, но дека рускиот претседател Владимир Путин и неговите генерали многу добро знаат дека кој прв ќе посегне по атомска бомба ќе биде проклет, а светот никогаш нема да ѝ прости на Русија за тоа.

Објавено на

часот

Сподели

„Доколку гледаме ладнокрвно, без паника, треба да кажеме дека (Путин) го повторува она што со години е запишано како руска воена доктрина, дека Русија го задржува правото да ги користи сите средства, очигледно и нуклеарното оружје, со кои располага во случај на опасност за Русија“, рече Дуда за полската приватна телевизија ТВН24.

Коментирајќи ги последните закани дека Русија може да употреби нуклеарно оружје, полскиот претседател рече дека тоа не е ништо ново.

„Меѓутоа, Владимир Путин совршено добро знае, како и неговите генерали, дека првиот што ќе употреби нуклеарно оружје ќе биде проклет. Тој никогаш повеќе нема да се измие од таа одговорност ако употреби нуклеарно оружје. Дури и во најмала мера. Никогаш. Светот нема да им прости“, изјави полскиот претседател, кој престојува во Њујорк на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации.

Анджеј Дуда потсети дека и кинескиот претседател Си Џинпинг јасно му рекол дека не може да замисли дека некој може да посегне по нуклеарно оружје.

Полскиот претседател сепак оцени дека е сосема можно Русија да ги нападне украинските нуклеарни централи со конвенционално оружје, како што изјави претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

„Доколку Русија нападне нуклеарни централи со проектили, опасноста би била голема. Се надевам дека тоа нема да се случи. Нема сомнеж дека во случај на сериозни информации, или не дај Боже да започне таков напад, Меѓународната агенција за атомска енергија треба итно да интервенира“, рече Дуда.

Полскиот претседател додаде дека во САД го чека уште една средба, во поширок круг, каде најверојатно ќе биде и украинскиот претседател, со американскиот претседател Џозеф Бајден.

„Постојано излегувам со порака за поддршка за Украина. Таа војна може да заврши само со протерување на руската војска. Тоа значи дека руската војска ќе биде поразена. Украина мора да има инструменти за тоа“, рече Дуда во интервју за дописникот на ТВН24 од САД.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ