„На приватните иматели или нивните правни наследници им се нуди можност да подарат архивски материјал кој е од особено значење за националната и локалната историја, како и за општествено-политичкиот, стопанскиот и културниот живот во минатото. На подарениот архивски материјал во Државниот архив и неговите одделенија му се обезбедува соодветно сместување, физичко-техничка заштита, стручно-научно истражување, проучување и обработка како и негово користење за научни цели“, се вели во соопштението од Државниот архив.
Архивскиот материјал наменет за подарување, се појаснува, се категоризира според неколку критериуми меѓу кои единственост, реткост и неповторливост на архивскиот материјал, сочуваност, изворност и авторство. Имателите и создавачите на архивски материјал се категоризираат според времето, местото, улогата во функционирањето во државниот, политичкиот, стопанскиот и културниот живот.
Од подарените архивски материјали, посочуваат од Државниот архив, ќе се формираат архивски фондови, кои во иднина ќе им бидат достапни на истражувачите и од нив ќе произлегуваат вредни изданија од областа на политичката историја, историја на секојдневниот живот, културната историја и сл.
Сите заинтересирани може да се обратат директно во Државниот архив или на и-мејл адресата на Архивот. Информации за подарување архивски материјал може да се добијат и во одделенијата на Државниот архив во Скопје, Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Штип, Велес и Куманово.