петок, 20 септември 2024

Досие центар: Тајните животи на синовите на Владимир Путин со Алина Кабаева (ВИДЕО)

Синовите на Владимир Путин и Алина Кабаева, Иван Путин и Владимир Путин Помладиот, живеат во изолација во различни резиденции, патувајќи со јахти и приватни авиони, а нивните секојдневни потреби ги исполнуваат компании во сопственост на пријатели на рускиот лидер. Тие се заштитени од офицери на ФСО, деноноќно придружени од дадилки, гувернанти и професионални тренери. Браќата не комуницираат многу со своите врсници и ретко ги гледаат своите родители, но им се драги ретките моменти што ги поминуваат со својот татко. Руската истражувачка група Досие центар отвора прозорец кон животите на најтаинствените деца во Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Досие центар е основан во 2017 година од Михаил Ходорковски – некогаш најбогатиот човек во Русија пред Путин да се сврти против него, по што стана опозициски активист. Тој помина речиси една деценија во руски затвор за финансиски прекршоци, кои наводно биле откриени затоа што Ходорковски го оспори претседателствувањето на Путин во раните 2000-ти. Путин го помилува во 2013. Оттогаш Досие центар е познат по тоа што ги истражува тајните на највисоките руски функционери, пишува Форбс.

Досие центар цитира неименувани извори што тврделе дека редовно ги гледаат децата.

Путин (71) јавно има признаено две деца – ќерки со поранешната сопруга Људмила Путин, со која се оженил во 1983 година: Марија (39) и Катерина (38).

Досие центар наведува дека врската на Кабаева со Путин започнала во 2008 година, шест години пред да биде финализиран неговиот развод со Људмила.

Кабаева (41) отпатувала во родилиште во Лугано, Швајцарија, за да го роди Иван, а во Москва го родила Владимир Помладиот, се вели во извештајот.

И Иван и Владимир Помладиот живеат во вилата на Путин северозападно од Москва, иако не комуницираат со други деца на нивна возраст, објави Досие центар, а имаат часови по музика и лични тренери за пливање и за уметничка гимнастика.

Иван, наводно, се натпреварувал на натпревари во уметничка гимнастика и често игра хокеј со својот татко.

 

„Ви благодарам, дечки! Ви благодарам, деца! Знам дека имавте трема. Но одлично изведовте. Вие сте нашата иднина!“, ја цитира Досие центар Алина Кабаева кога им честиташе на учесниците на фестивалот за ритмичка гимнастика „Алина-2023“.

Додека таа и другите спортисти пееја проштална песна, едно од нејзините деца внимателно ја набљудуваше од публиката. Кога олимписката шампионка ја напушти сцената, детето ѝ се придружи и заедно си заминаа.

Ова бил нејзиниот син Иван, според истражувачката новинска организација.

Овие деца не можат да се најдат во државните бази на податоци; уште од детството имале документи што обично се прават за шпиони и за луѓе под заштита на државата.

Само блиските роднини ги знаат датумите на нивното раѓање. Тие не летаат со редовни летови и имаат свои авиони. Не одат во градинка или училиште; наместо тоа, имаат приватни учители. Живеат во резиденции чувани од ФСО, патуваат на јахти и се возат со оклопни возови, со минимална интеракција со нивните врсници и ретки посети од нивниот татко. Тие се синовите на Владимир Путин.

Изворот го опишал животот на семејството

Додека работел на овој материјал, Досие центар пронашол неколку десетици фотографии од најстариот син на Владимир Путин. Од етички причини, не ги објавува овие слики ниту други детали што би можеле да доведат до идентификација на детето.

„Кога почна војната, интернетот беше преплавен со пораки како ‘Путин има три деца со Кабаева’. Не, не и не. Сите медиуми згрешија, освен еден швајцарски весник. Тие имаат два сина“, вели изворот на Досие центар.

Секојдневниот живот на семејството на претседателот го уредуваат десетици луѓе: возачи, телохранители, наставници, готвачи, пилоти, тренери, келнери, помошници и многу други.

Изворот на Досие центар е, тврди овој медиум, еден од нив. Тој живее во резиденциите, често се гледа со децата на шефот на државата (иако не комуницира со нив секојдневно) и се согласил да ја сподели својата приказна под услов да остане анонимен.

Досие центар пишува дека го проверил неговото минато и потврдил дека тој навистина работи за семејството на Владимир Путин. Деталите за неговите тврдења, пишуваат, се потврдени преку банкарски изводи и податоци од државните бази.

Весникот на кој се повикува изворот е Зонтагс цајтунг. Во мај 2022 година публикацијата објави дека Путин и Кабаева имаат две деца, забележувајќи за прв пат дека швајцарски гинеколог со руско потекло ѝ помагал на една олимписка шампионка во бременоста (во написот не се споменува нејзиното име).

Фото: ЕПА

Најстрого чувана државна тајна

Односот меѓу Путин и Кабаева, како и целиот приватен живот на рускиот претседател, е една од најстрого чуваните државни тајни.

Официјално, Владимир Путин се оженил со Људмила Шкребнева во 1983 година (таа го зела презимето на својот сопруг), а парот се разведе речиси 30 години подоцна.

Деталите за нејзиниот живот и за нивните ќерки, пишува Досие центар, се познати само преку документи и информации што протекоа во јавноста.

Во 2008 година Московски кореспондент објави дека во Санкт Петербург се во тек подготовки за венчавката на Алина Кабаева и Владимир Путин. Набргу потоа весникот беше затворен, пишува Досие центар.

Не се знае точно кога започнала врската меѓу Путин и Кабаева, но во март 2008 година Кабаева се појави во емисија откривајќи дека веќе го запознала својот идеален маж (без да го каже неговото име) и неочекувано даде детален одговор на прашањето дали би можела да одвои маж од неговото семејство:

„Ако веќе има проблеми во семејството и мажот гледа во друга жена и наместо со сопругата комуницира со друга жена, тогаш проблемот веќе постои. Затоа, ништо добро не може да излезе од тоа семејство“.

Два месеци подоцна, Кабаева полета за Сочи со приватниот авион на пријателот на Путин, Генадиј Тимченко. Од 2011 година олимписката шампионка не го крие свршеничкиот прстен, а приближно во исто време таа, нејзината мајка, сестра и баба почнаа да добиваат скапи недвижности како подарок од пријателите на шефот на државата.

Во 2014 година Кабаева три пати патуваше од Сочи до Лугано. За време на нејзиното последно патување во октомври, таа беше придружувана од нејзината мајка Љубов Кабаева и неколку пријатели: Елизавета Молчанова, сопруга на основачот на Групацијата ЛСР, и Елена Гриневич и нејзиниот сопруг, бизнисменот Виталиј Машицки. Таму била и Наталија Тибо, гинеколог од швајцарската клиника Сант’Ана, лоцирана во Лугано.

Кабаева во оваа болница роди син во пролетта 2015 година. Во 2018 година таа повторно отпатува во Швајцарија, веројатно на преглед за време на бременоста, а во пролетта 2019 година Тибо дојде во Москва да ѝ помогне на Кабаева околу раѓањето на нејзиното второ дете, исто така момче.

Близок познаник на лекарката за Зонтагс цајтунг изјавил дека децата на спортистката се на Владимир Путин. Докторката емигрирала во Швајцарија пред повеќе од 30 години, го зела презимето на својот сопруг и си го сменила државјанството.

„Но таа одржуваше однос на доверба со Путин“, тврди изворот.

Во секоја прилика, одлуката за тоа каде ќе се изведе породувањето ја носел самиот претседател, вели бизнисмен што работел со еден од пријателите на шефот на државата.

Во 2015 година се чинело дека раѓањето бебе во Швајцарија ќе помогне тоа да се задржи подалеку од љубопитните очи. Четири години подоцна, Путин бил подеднакво убеден дека потребното ниво на тајност може да се обезбеди само во Москва.

Во домаќинството на Владимир Путин може да се влезе од улица

Неговото семејство е практично ограничено во своите вили и може само да се пресели од една во друга резиденција, според Досие центар.

„Семејството живее во изолација“, се вели во соопштението на веб-страницата на англиската агенција „Нени“. Компанијата регрутира персонал за богати семејства во Русија, вклучително и говорители на мајчиниот јазик. Меѓу нивните клиенти има сопственици на мали бизниси и олигарси од руската Форбсова листа. Оваа конкретна објава, сепак, укажува дека се работи за едно многу посебно семејство: претседателовото.

Можете буквално да влезете од улица во домаќинството на Владимир Путин: конкурсот беше јавно објавен и секој можеше да се пријави. Така, во почетокот на 2024 година, семејството бараше професор по англиски јазик за две момчиња на возраст од четири и осум години. Обврската вклучува пет работни дена во неделата, вкупно 60 часа. Одговорностите вклучуваат „настава по други предмети“ и придружување на семејството на патувања. Платата е 7.700 евра месечно. Агенцијата прецизира дека со ова семејство соработувала подолго време и дека веќе им нашла неколку професори по англиски и германски јазик.

Од време на време објавата исчезнува од сајтот и потоа повторно се поставува, единствената промена е возраста на децата. Семејството постојано има потреба од нови учители; обртот на персоналот е голем затоа што, како што вели извор од сервисниот персонал, „не е лесно да се согласуваш со семејството“. Освен тоа, мал број странци сакаат да работат во Русија, особено по почетокот на војната, а многумина ги одвраќа строгата изолација.

Карантин во резиденциите на Путин

Многу гувернанти работеле за семејството, а наоѓањето нови кандидати е сè потешко, па сега професорите по англиски јазик се регрутираат од различни земји од англиското говорно подрачје, вклучително и Јужна Африка. Друга причина за овој избор е геополитичката, според извор од службата: постои општа недоверба кон странците, но Јужна Африка се доживува како земја пријателска кон Русија.

Без разлика како кандидатот дознава за конкурсот, преку познаник или агенција, главната фаза на селекција е видеоинтервју со семејниот помошник. Потоа следуваат детален лекарски преглед и двонеделен карантин, кој се одвива во одморалиштето „Игора“ во Ленинградската област или директно во резиденцијата на Путин во Валдај или во Сочи.

По документацијата на приватната клиника „Мој медицински центар“ (ММЦ), во која, како што тврдат, се лекуваат членовите на Вагнер, многу пријатели на Владимир Путин, како и персоналот што работи за семејството на Путин, Досие центар тврди дека барем 10 странски државјани потпишале договор да се лекуваат во оваа клиника.

Наставничка од Босна и Херцеговина

Формално, тие биле ангажирани како преведувачи, но секој заработува значително повеќе отколку што може да очекува еден квалификуван лингвист. Платите почнуваат од 330.000 рубли (3.300 евра) и одат до 1,2 милиони рубли (12.000 евра) месечно.

Најуспешна е Софија Божиќ, која во последните четири години заработила 25,3 милиони рубли (254.000 евра). Божиќ им е учителка по германски јазик на децата на Путин, според изворот на Досие центар од службата.

Таа е родена 1992 година, државјанка е на Босна и Херцеговина, живеела во Австрија, студирала на Универзитетот во Грац, а стажирала во РСУХ. Во Русија живее најмалку од 2017 година.

Досие центар тврди дека ја пронашол на фотографии од прикажување филм во српската амбасада во Москва во февруари 2017 година.

Божиќ, заклучуваат тие, веројатно ужива значителна доверба од семејството на Путин, бидејќи работела подолго од своите колеги и во јули 2023 година добила заем од речиси 233,8 милиони рубли од ММЦ.

Со децата секогаш работат по неколку наставници по англиски и германски јазик. Освен државјани на Јужна Африка, кои семејството претпочита да ги вработува од почетокот на војната, договори биле потпишани и со државјани на Британија и Нов Зеланд. Наставниците по странски јазици се потребни не само за образованието на браќата. Примарниот товар паѓа на гувернантите, кои речиси цел ден го поминуваат со децата. Одмораат кога децата одат на спорт, шах или музика.

Путин и Кабаева, оценува Досие центар, можеби претпоставуваат дека нивните деца ќе тргнат по стапките на својата мајка и ќе станат професионални спортисти.

Речиси секоја резиденција има спортски комплекс со фитнес-сала и базен, а понекогаш и лизгалиште за хокеј.

Децата ги тренираат лични тренери по пливање и гимнастика. На пример, најстариот син го тренира поранешен репрезентативец во гимнастика.

Досие центар тврди дека контактирал со Софија Божиќ и со споменатиот тренер, но овие не одговориле на пораките на неколку месинџери и го блокирале дописникот на Досие; тренерот исто така го ограничил пристапот до својот инстаграм-профил.

Наставниците и тренерите ретко комуницираат директно со семејството, вели изворот на Досие центар.

Ако нешто им треба на наставниците, тие комуницираат со семејните помошници. Помошниците ги пренесуваат пораките од родителите: тоа може да бидат и благодарници за сработеното и предлози во однос на процесот на учење. Најчесто, околу еднаш неделно, гувернантите добиваат пораки од Олесја Федина. Олесја се преправа дека им е мајка на децата и лично се среќава со гувернантите кога ги вработуваат. Во реалноста, таа ѝ е братучетка на вистинската мајка, Алина Кабаева. Многу поретко, неколку пати годишно, пристигнуваат пораки од семејството. Изворот верува дека тоа доаѓа од самиот Владимир Путин.

Досие центар, исто така, наведува дека на 1 мај 2016 година, братучетката на Кабаева, Екатерина Головачева, се регистрирала на „Моето наследство“ (MyHeritage), популарен сервис што им овозможува на корисниците да креираат семејно стебло.

Головачева ги внела основните информации за своите роднини, но брзо го загубила интересот и повеќе не се вратила на страницата.

Шемата на семејните односи останала јавно достапна, а на неа, според Досие центар, Алина Кабаева е во врска со Владимир Путин и од таа врска има два сина – Иван и Владимир Помладиот.

*****

„Мислам дека ако Владимир Владимирович беше директно вклучен во воспитувањето на децата, тие веројатно ќе беа ужасно разгалени бидејќи сè ќе беше дозволено. Обично децата повеќе ги дисциплинира таткото, кој треба да е тој што ги казнува. Тоа ги прави подисциплинирани. Но кај нас тоа беше невозможно бидејќи тато ги разгалуваше ќерките. Тато секогаш е радост и нема казна за нив“, се сеќаваше Људмила Путина, зборувајќи со новинарот Олег Блоцки за неговата книга „Владимир Путин. Патот до моќта“.

Путин е уште поуслужлив кон своите синови отколку што бил кон своите ќерки. Освен тоа, во денешно време, секојдневниот живот на семејството не го управува неговата сопруга како што било во 1980-тите во СССР и ГДР, туку многубројниот сервисен персонал од роднините на неговата сопруга, пријателите на претседателот, безбедносните офицери и ангажираниот персонал. Никој од нив не ризикува да се расправа со децата, па момчињата растат верувајќи дека се исклучителни. Секој каприц им е исполнет, а сите резиденции во кои живеат ги гледаат како своја лична сопственост.

Специјалниот третман од страна на сите околу нив само го засилува ова чувство. Нивните наставници, обезбедувачи и другиот персонал се плашат од Путин и тој е единствениот што може строго да им зборува на момчињата. Кабаева, според изворот на Досие, исто така може да биде строга, па дури и емотивна, но тие сериозно ги сфаќаат казните од својот татко. Се чини веројатно дека татковата пофалба е нивниот главен извор на гордост. На пример, Иван Путин им раскажал на своите тутори и телохранители една особено незаборавна приказна. Според роднините, кога се родил тој, Владимир Путин бил толку среќен што извикал: „Ура! Конечно машко!“

Целиот текст прочитајте го на веб-страницата на Досие центар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ