Откако Русија ја нападна Украина пред повеќе од две години, украинскиот претседател Володимир Зеленски постојано апелираше за нова воена помош од САД и од украинските сојузници во ЕУ.
На самитот Украина-Југоисточна Европа во Тирана, Албанија, на крајот на февруари, отиде чекор понатаму и предложи заедничко производство на оружје со земјите од Западен Балкан. „Предлагам заеднички форум за одбранбената индустрија меѓу Украина, Балканот и нашите партнери“, рече тој.
Се поставува прашањето дали регионот на Западен Балкан е технички способен да ја исполни желбата на Зеленски. И ако е така, дали Србија, која е позната по силните политички врски со Русија, ќе сака да го стори тоа?
Зошто Зеленски го издвои Западен Балкан?
„Иако земјите од Западен Балкан немаат значително производство на големо оружје, тие имаат многу фабрики за муниција, а муницијата е она за што е заинтересирана Украина“, вели Катарина Ѓокиќ, истражувач во Програмата за трансфер на оружје на Меѓународниот институт за Истражување на мирот во Стокхолм.
Ѓокиќ за ДВ изјави дека најголем дел од производството на оружје во регионот е концентрирано во Босна и Херцеговина, Хрватска и Србија, со неколку компании што произведуваат муниција во широк опсег на калибри и за различни видови оружје, вклучително и артилериски системи и минофрлачи.
„Немаме многу веродостојни податоци за тоа колку муниција би можеле да произведуваат годишно – и тоа секако е далеку од сегашните потреби на Украина – но бидејќи Украина бара онолку муниција колку што може да добие, интересот за производство на Западен Балкан не е изненадувачки“, изјави Ѓокиќ.
Кои земји од Западен Балкан произведуваат оружје?
Во последниот извештај (2021) на Организацијата за контрола на малото и лесно оружје на Југоисточна и Источна Европа (СЕЕСАК) се вели дека Србија е водечки извозник на оружје и муниција во регионот, со 65,79 отсто од вкупниот извоз, со профит од околу 1,2 милијарди евра. Следува БиХ, која учествува со 31,75 отсто од вкупниот извоз на регионот.
Според податоците добиени од самите балкански земји, Албанија извезува муниција, БиХ и Црна Гора извезуваат оружје со калибар 12,7 милиметри и автоматско оружје, муниција, бомби и проектили, Македонија главно извезува муниција и бомби, додека Србија извезува поширок опсег на муниција и оружје, вклучувајќи бомби, гранати, торпеда, мини, проектили и слична воена муниција.
Каков е ставот на Србија за оружјето за Украина?
Иако српскиот претседател Александар Вучиќ срдечно го поздрави претседателот Зеленски на самитот во Тирана, тој не даде официјална изјава за барањето на Зеленски за заедничко производство на оружје.
Единствената изјава во врска со ова ја даде албанскиот премиер Еди Рама, кој пред новинарите изјави дека претседателот Зеленски „зборуваше за можноста за соработка, што подразбира инвестиции, производство и соработка и секако сите рекоа да, не само Албанија“.
Иако Србија ја осуди руската војна во Украина, таа никогаш не воведе санкции за таа земја.
Катарина Ѓокиќ, која и самата е Србинка, за ДВ вели дека надворешната политика и безбедносната позиција на Србија „може да се опише како опортунистичка наместо ориентирана кон Русија“.
Таа вели дека тоа се одразува и во извозот на оружје од земјава: „Не е прашање дали Србија би се согласила да извезе муниција во Украина, бидејќи, врз основа на достапните разузнавачки извори, Србија веќе го прави тоа, иако преку трети земји“, изјави таа за ДВ.
„На социјалните мрежи кружат многу фотографии на кои се гледа дека неодамна произведената српска муниција ја користат украински војници. Но Владата на Србија ова го доживува како чувствително прашање на домашната политичка сцена и веројатно нема јавно да го поддржи таквиот извоз“.
Според неа, минатата година кога протекоа американски документи дека Србија е подготвена да извезува оружје во Украина – или дека веќе го прави тоа – претседателот на Србија нареди привремен прекин на целиот извоз на муниција, официјално со цел да му се даде приоритет на снабдувањето на српските вооружени сили, но најверојатно за да се минимизира штетата.
Судејќи според неговите неодамнешни изјави, аргументот „не можеме да извезуваме муниција затоа што ни е потребна“ сѐ уште се користи, но тоа не значи дека муницијата од српско производство нема да си го најде патот до Украина.
Со или без финансиска поддршка од ЕУ?
На овогодинешната Минхенска безбедносна конференција, претседателот Зеленски ги повика партнерите од ЕУ да испорачаат повеќе муниција и оружје. Неговото барање дојде само неколку недели откако блокот јавно призна дека е далеку од постигнување на сопствената цел да испрати милиони артилериски гранати во Украина пред крајот на март.
Жозеп Борел, највисокиот дипломат на ЕУ, претходно оваа година побара од земјите-членки привремено да го прекинат извозот на оружје во други земји освен Украина.
Се поставува прашањето, кои европски земји се во позиција да им помогнат на Украина и на Западен Балкан заедно да произведуваат оружје?
„Германската влада покажа интерес за финансирање на набавка на муниција за Украина од земји што не се членки на ЕУ. Франција, исто така, посочи дека ќе биде отворена за купување муниција за Украина што не се произведува во ЕУ“, вели Ѓокиќ. „Со оглед на тоа што се вклучени и Берлин и Париз, употребата на фондовите на ЕУ изгледа поверојатна.“
Според Ермал Жаури, Ермал Јаури, актуелен претседавач со албанската асоцијација Џорџ Ц. Маршал, ваквата иницијатива не може да се спроведе без поддршка од сојузниците од Западен Балкан во НАТО и ЕУ. „Ова не е затоа што сојузниците не се во можност самите да произведуваат муниција и борбена опрема, но нивната поддршка за создавањето таква идеја на Западен Балкан, мислам, значително би ги намалила трошоците за производство на оваа муниција и воена опрема“, кажа тој.