четврток, 27 февруари 2025

Додик нема да оди во затвор ако плати

„Од денес, нема повеќе Босна и Херцеговина. Ми треба поддршката од народот и ќе одам до крај“, им рече претседателот на Република Српска (РС) Милорад Додик на приврзаниците собрани во Бања Лука, откако Судот на БиХ првостепено го осуди на една година затвор и му забрани да служи како претседател на РС шест години поради неизвршувањето на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница во БиХ, Кристијан Шмит.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Второобвинетиот Милош Лукиќ, в.д. директор на Службениот весник, е ослободен од обвинението.

„Осуден сум на една година поради нивните та ср..а. Нема причина за грижа. Научив да се справувам и со потешки работи“, рече Додик во првата реакција по изрекувањето на пресудата.

Тој има рок од две недели да поднесе жалба на пресудата, која ќе стане правосилна откако ќе заврши жалбената постапка. Во судот вчера не беа присутни ниту тој ниту неговите адвокати.

Доколку Додик и правосилно биде осуден на затворска казна од една година, тој повеќе нема да може да се кандидира за ниту една јавна функција, бидејќи тоа е забрането со Изборниот закон на БиХ, кој вели дека „функционер што е правосилно осуден на затворска казна над шест месеци не може да биде кандидат за јавна функција“.

Ако му биде потврдена казната, Додик ќе може да избегне одење во затвор, бидејќи казната до една година може да се замени со парична казна по барање на осудениот. Според сегашниот закон, Додик ќе може да ја откупи затворската казна за 36.000 КМ (околу 18.600 евра).

Додик, кој долго време бара одвојување на РС и нејзино обединување со Србија, изјави дека вчера разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ и со унгарскиот претседател Виктор Орбан и дека „ги исмевале оние во Сараево“.

„Нека дојде Вучиќ во Бања Лука за да се договориме што ќе правиме и како ќе правиме“, рече Додик, најавувајќи дека Народното собрание на Република Српска (НСРС) ќе донесе одлука за „отфрлање на процесот во Судот на БиХ“, каде што тој беше осуден.

Тој најави и усвојување на закон со кој се забранува работата на Обвинителството на територијата на РС, се забранува спроведување на одлуките на Судот на БиХ во РС и се забрануваат активностите на Високиот обвинителски совет на БиХ (ВСТС) на територијата на тој босански ентитет, како и за формирање на ВСТС РС.

„Четвртиот закон е за забрана на активностите на Агенцијата за истрага и заштита на БиХ (СИПА) на територијата на Република Српска. Следниот закон е законот за забрана на активностите на разузнавачката служба (ОБА) на територијата на Српска“, наведе Додик.

Српскиот совет за национална безбедност на итна седница со која претседаваше Вучиќ, ја осуди „недемократската, нецивилизациска и противправна пресуда“ против Додик, оценувајќи дека ова е „најголемата криза во Босна и Херцеговина од крајот на војната“.

„Оваа криза е резултат на генералниот напад на Сараево и Западот врз РС, заради нејзино редефинирање и исчезнување. Повикуваме на единство и заедништво на целиот српски народ и сите политички партии и во РС и во Србија“, изјави српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ по седницата на Советот.

Вучиќ синоќа изјави дека пресудата против Додик е насочена кон уништување на РС и поткопување на позицијата на српскиот народ.

„Во авион на пат за Бања Лука по срамната пресуда против Милорад Додик, која е незаконска, антидемократска и има цел да ја уништи РС и да ги поткопа позициите на српскиот народ“, рече Вучиќ во видеопораката објавена на неговиот профил на Инстаграм. Тој додаде дека Србија има обврска да застане на страната на РС и дека ќе се обиде да „влијае на одлуките што се носат за да се смири ситуацијата“.

Орбан рече дека пресудата против Додик е „политички лов на вештерки“.

„Политичкиот лов на вештерки против претседателот Милорад Додик е тажен пример за вооружувањето на правниот систем насочен кон еден демократски избран лидер. Ако сакаме да ја зачуваме стабилноста на Западен Балкан, ова не е патот напред!“, напиша Орбан на мрежата Икс.

Руското МНР соопшти дека пресудата против Додик „ќе има катастрофални последици за ситуацијата во Босна и Херцеговина и целиот регион“.

„Ги предупредуваме странските учесници во процесот на постконфликтно решавање во БиХ, државите во регионот и целата светска заедница: ако се донесе пресуда за вина, тогаш неизбежни се катастрофални последици за ситуацијата во БиХ и на Балканот во целина“, се вели во соопштението на руското МНР.

Тие додаваат дека „обвинувањата против легално избраниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, а всушност и против целиот српски народ, се засноваат на одредбите на псевдозаконот што на БиХ самоволно ѝ го наметна самопрогласениот висок претставник Кристијан Шмит, очигледно надвор од законските рамки“.

Руското Министерство оцени дека процесот против Додик е „од чисто политичка природа, инспириран од Западот, кој преку своите марионети во правосудните органи на БиХ се надева дека ќе ги елиминира од политичката сцена патриотските сили на Република Српска што му се спротивставуваат на евроатлантскиот неоколонијализам“.

Судот на БиХ соопшти дека ги донесува одлуките врз основа на законот и доказите, а не на основа на надворешни притисоци, бидејќи таквиот обид би претставувал напад на независната позиција на Судот.

„Значи, Судот постапува исклучиво согласно со законските одредби, штитејќи го владеењето на правото, непристрасноста на Судот и работата на судството“, се вели во соопштението.

Тие изјавија дека кривичната постапка против Додик се однесува на поединец, „не на функција или институција“.

Кристијан Шмит вчера во Сараево се сретна со командантот на НАТО во Босна и Херцеговина Метју Валас.

„Содржајна дискусија за актуелната политичка и безбедносна ситуација во БиХ и регионот на Западен Балкан. Сигурната и безбедна средина е клучна за просперитетот и развојот“, рече Шмит по состанокот, објави Канцеларијата на високиот претставник (ОХР).

На седниците на Народното собрание на РС во јуни 2023 година беа донесени неуставни закони во кои се наведува дека правните акти на високиот претставник нема да се објавуваат во Службениот весник на РС, како и дека одлуките на Уставниот суд на БиХ, кои се конечни и обврзувачки според Уставот на БиХ, нема да се применуваат на територијата на РС.

На 1 јули 2023 година Шмит со Бонските овластувања поништи два ентитетски закони и воведе измени на Кривичниот законик на БиХ, со што неспроведувањето на одлуките на високиот претставник стана кривично дело.

На 7 јули 2023 година Додик потпиша декрети со кои овие закони ги прогласи за важечки, а тие беа објавени во Службениот весник на РС.

Обвинителството на БиХ на 11 август покрена обвинение против Додик и Лукиќ, а судот го потврди на 11 септември.

ЕУФОР: Нема активности што би укажале на нарушување на мирот

Командантот на ЕУФОР во Босна и Херцеговина, генерал-мајорот Флоријан Маринан Барбу, вчера во Сараево изјави дека ЕУФОР внимателно ја следи ситуацијата во БиХ по пресудата за Додик и дека, освен изјавите на претставниците на властите на РС, нема никакви знаци или конкретни дејствија што би укажувале на нарушување на мирот и безбедноста во земјата.

По состанокот со министерот за одбрана на БиХ, Зукан Хелез, Барбу, исто така, рече дека силите на ЕУФОР се соодветно подготвени за тековните безбедносни предизвици и дека располагаат со доволно капацитети – и оние стационирани во БиХ, и резервните сили подготвени за брза реакција.

„ЕУФОР дејствува непристрасно, целосно почитувајќи го својот мандат. Ние продолжуваме да ја извршуваме нашата мисија и да бидеме присутни секаде каде што е потребно“, рече тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ