Ивановска вечерва во Топ Тема му порача на новиот состав на ДКСК дека е најважно да продолжат со јакнење на капацитетите на институцијата, потоа да се довршат започнатите проекти, да профункционираат тренинг центарот и аналитичкиот центар, но, нагласи, потребно е да се направи и нова систематизација согласно надлежностите.
Таа меѓу другото истакна дека со 80 проценти од институциите ДКСК имала одлична соработка, но постоеле и такви институции, што не им доставувале документи и покрај нивните барања.
„Плаќале казна, прекршочен платен налог и повторно не доставувале документи. За да не заборавиме некого градиме список и на последната седница на ДКСК ќе го објавиме на нашата веб страница. Ќе биде интересно за медиумите кои се тие институции, но и носители на функции кои платиле казна и повторно не доставиле анкетен лист или документи што сме ги барале“, рече претседателката на ДКСК.
Таа информираше и дека ДКСК работи на втор дел за случајот „Трансмет“, односно како што појасни, како се располагало со опремата и што се случувало со неа.
„На наредната седница ќе го затвориме и тој предмет“, рече Ивановска.
На последната седница, како што најави, ќе се реферира меѓу другото за случаите „Лотарија“ и „Бехтел и Енка“.
„Случајот ‘Бехтел и Енка, како што знаете е насочен кон изборот на надзор. За овој случај почнавме да реагираме уште на почетокот со донесувањето на законот во Собранието, реагиравме, дадовме иницијатива до Уставниот суд што ни ја отфрли, постојано имавме свој став, а последното што се случи беше изборот на надзорот, на тоа се сконцентиравме и тоа ќе го обелодениме“, најави Ивановска.
Според неа, не се сфатила сериозно борбата против корупцијата. Корупцијата е тежок камен, истакна Ивановска и упати порака дека мора многу институциии да делуваат.
Во однос на законитоста на балансерот и вработувањата во администрацијата, таа истакна дека иницијативата се подготвува за поднесување пред Уставниот суд.
„Се обративме до Владата со барање да ни дадат анализа како е спроведен законот до сега, бидејќи во законот има одредби кои што велат дека под тој закон спаѓаат оние лица кои биле вработени до 2019 година и тие имаат право да се преземаат понатаму во другите органи. Побаравме и дополнителни информации од Министерството за политички систем како одело доделувањето на вработените лица во други институции, но не добивме одговор и покрај тоа што се обративме со ургенција со преведен текст“, вели Ивановска.
На прашањето како ќе помине иницијативата пред Уставен, таа направи споредба дека и за „Бехтел и Енка“ беше дадена иницијатива за која „бевме уверени дека Уставниот суд треба да ја прифати иницијативата и да го укине специјалниот закон што се донесе тогаш, но Уставниот постапи спротивно“.
„Сега имаме малку надеж бидејќи и претседателката на Уставниот суд излезе со свој став, се надевам дека Уставниот суд ќе ја одигра својата улога онака како што треба заради тоа што балансерот ни прави проблем на сите. Конкретно во нашата институција на претходен оглас имавме кандидат кој што во пет минути се почувствувал како припадник на три националности, онака како што се барале за работните места така тој се почувствувал. Тој предмет Јавното обвинителство го отфрли“, рече Ивановска.
На новинарско прашање за актуелните случувања во М-НАВ, вклучувајќи ги и прашањата за вработувањата, Ивановска рече дека не би ги ставила во прашање роднинските врски, туку мерит системот- да се оцени квалитетот и компетенцијата на една личност без влијанија. Ивановска информира дека ДКСК не може да отвори предмет за М-НАВ бидејќи се при крај на мандатот, туку сега само ги затвораат веќе отворените предмети.