петок, 6 декември 2024
Интервју

Димушевска: Ако партнер убие жена, обвинителите не смеат да се двоумат, тое е фемицид

Шминката не ги покрива модринките, а насмевката може само привремено да го маскира хоророт низ кој минува жената жртва на семејно насилство. Се чини и дека оваа девијантна појава, за жал, е секојдневие за многу жени, а битката за излез од ова зло е долга и тешка. Пријавата за семејно насилство не е крај на проблемите, туку почеток на нова борба, за која ви требаат финансии, силна психа, но и поддршка од институциите. Ако немате финансиска независност, тогаш тешко ќе можете да излезете од кругот на насилството, но не е и невозможно.

Објавено на

часот

Сподели

За тоа колку е тешка битката на жртвите со насилниците, колку државата вложува и се грижи за оние што се изложени на физичко и психичко малтретирање, колку е тенка линијата од насилството до убиството и дали и какви промени ни се потребни, зборуваме со извршната директорка на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Елена Димушевска, која околу 15 години се занимава со оваа проблематика.

Ги штити ли државата доволно жртвите на семејно насилство и што ни недостига? Системски гледано, какви се Вашите искуства во врска со постапувањето на институциите што се клучни по ова прашање, почнувајќи од Министерството за внатрешни работи, Центарот за социјални грижи, Министерството за здравство, обвинителствата, судовите…

-Апсолутно недостигаат многу работи. Пред 15 години, кога почнавме да работиме со оваа проблематика, сѐ беше сосема поинаку, сега системот е многу подобрен од аспект на разбирањето и сензибилитетот за работењето со жртвите. Подобрено е работењето во ЦРС, а и инспекторите за семејно насилство се доста сензибилизирани. Тука треба да направиме разлика меѓу полицајци во униформа, кои најчесто го прават пропустот, и инспекторите за семејно насилство, кои се на друго ниво на разбирање. ЦСР и МВР се подобрени, но сепак имаме уште многу работа на темата за семејно насилство.

Но имаме и алки од синџиров што воопшто не функционираат, а тоа се здравството, здравствените институции и здравствените работници што воопшто не се сензибилизирани. Овде е и Министерството за образование, во делот во кој во образованието треба да се препознае симптом кај дете, промена во однесувањето и да се вклучи педагошко-психолошката служба. Образованието начелно ни е клучно за децата, не за семејното насилство, но оттука почнува сѐ, бидејќи ако препознаете промени кај дете, тоа може да ве доведе до сознанија за растење во дисфункционално семејство, во кое тоа дете е сведок на насилство.

Значи однесувањето на децата може да биде клучот за откривање многу посериозни работи, само ако правилно се пристапи, се забележи и се реагира на време?

-Се разбира. Децата не можат да изглумат и да скријат. Или ќе се повлечат, ќе се изолираат, ќе им се намали успехот во училиштето, или ќе стане премногу агресивно, вербално и физички ќе почне да напаѓа други деца, па ако е во погорните одделенија може да влезе и во деликвентни однесувања. Тоа не е однесување што тукутака настанало само од себе. Секогаш има нешто во заднината. Детето само од себе не решава така да се однесува, туку тоа е одговор на она што го живее во домот.

А каде сметате дека потфрлаат здравствените работни и здравството кога станува збор за семејното насилство?

-Здравствените институции како да одбиваат да прифатат дека ова е проблематика во која тие мора да бидат вклучени. Семејните лекари, педијатрите, гинеколозите… сите тие треба да бидат професионалци кои можат и треба да препознаат жртва. Треба да пристапат со доверба и да ја упатат таму каде што треба. Но треба да ги имаат сите информации. Исклучително малку здравствени работници го препознаваат ова каде и како може да се упатат, да пријават и да им се обезбеди заштита. Матичните лекари исто така се клучни во препознавање на семејното насилство и треба да знаат која модринка е од пад, а која од удар, односно од бокс или со предмет.

Во европските земји си постојат обуки каде што се тренираат здравствените работници како да препознаат насилство и да ги препознаат повредите. Ако пациентка влегува во ординација и веднаш по неа влегува сопругот, кој бара изговори за да не биде прегледана, тоа е црвено светло што трепка најсилно. Кога ќе дојде во болничко лекување, тоа е јасно дека има семејно насилство, но колку порано се открие, толку подобро.

Мониторирате и судски постапки. Какви се Вашите искуства за постапувањето на обвинителствата и судовите?

-Кај обвинителството и судовите има една друга работа. Кај обвинителите постои недоволен сензибилитет и разбирање за динамиката на насилството. Кај нас судските постапки за насилство се водат за тој еден конкретен настан. А никој не сака да обрне внимание дека тој еден настан никогаш не е изолиран и секогаш му претходат други настани, а насилството траело со месеци или години. Кога започнуваат судските постапки, и јавниот обвинител и судијата се концентрираат само на тој еден кривично правен настан за кој е подготвен обвинителниот акт, што е апсолутно многу погрешно. Она за што постојано зборуваме е да разбереме дека никогаш не е еднаш, никогаш не е изолиран инцидент, дека тоа е покажување на моќ и одржување на таа моќ и контрола преку различни форми на насилство што се случуваат. Ниту јавниот обвинител, ниту судијата не дозволуваат да се враќаат наназад жртвите и да кажат што се случувало. Овде се покажува таа несензибилност.

Ако има судии и обвинители што би ги работеле само случаите со родово-базирано насилство, колку тоа ќе ни помогне и колку е остварливо?

-Е остварливо и треба да биде така бидејќи кај нема обвинители и судии што се специјализирани само за овие случаи, односно родово-базирано насилство, дискриминација, говор на омраза… Треба да има лица што ќе бидат специјализирани во ова, а за тоа треба само политичка волја. На овој начин ќе може да се сконцентрираме кого да обучуваме.

А колку државата има политичка волја за да се вклучи во превенција на родово-базираното насилство?

-Политичка волја има за промена на законите, а тоа се покажа со измените во Кривичниот законик. Во суштина ние како граѓанска организација проблемот го гледаме во лоцирањето средства. Во 2021 се донесе посебниот Закон за насилство врз жени, каде што се предвидуваат еден куп сервиси за помош на жртвите, а во 2024 тие сервиси сѐ уште ги нема. Она што постои од претходно е речиси нефункционално.

Државава има шелтер-центри, но дали според Вас, тие се прибежиште за заштита или куќен затвор за жртвите од семејно насилство?

-Шелтер-центрите кај нас, со исклучок на два, се станови во кои се сместуваат жени жртви на семејно насилство со или без деца. Во тие станови ниту има 24/7 заштита, ниту некој од вработените во Центарот за социјална работа што е задолжен за тој шелтер-центар доаѓа да ја посети жртвата, ниту таа има стручна психолошка помош… Жената останува таму до 3 месеци, освен ако порано не посака да го напушти местото. Додека е таму, таа без дозвола не смее да го напушти шелтер-центарот бидејќи тој е на тајна локација, во голем број случаи ѝ се одзема мобилниот телефон за да не ја открие локацијата. Оставена е да седи таму, сама или со деца и да чека да ѝ истече тој дозволен рок од три месеци.

Но што потоа, што по шелтерот?

-Потоа може да се снаоѓа сама како знае и умее. Може да се врати кај примарното семејство, доколку тие ја примат, да отиде кај пријателка, роднина, што е многу краток временски период, или да се врати повторно кај сторителот. Вакви случаи има многу бидејќи и која било пријателка и роднина да ја прими, тоа не трае долго. Во голем дел од случаите жените жртви на семејно насилство сакајќи да се заштитат со престојот во шелтер-центрите, бидејќи не смеат да излегуваат, ги губат работните места. А додека се овде добиваат само еднократна парична помош од 15.000 денари, но не секогаш им се одобрени толку, некогаш се и помалку. Оставени се по излегувањето во шелтер-центрите да бараат работа, да се снаоѓаат сами.

Значи тие се само маска што привидно ги штити жртвите од семејно насилство?

-Многу често жените порано заминуваат од шелтер-центрите, бидејќи тоа е тримесечно нефункционирање, во кое вие само седите и чекате. Нашите шелтер-центри, вака како што се поставени, се комплетно нефункционални. Морам да истакнам дека мора да постојат шелтри на тајни локации, бидејќи имаме жртви што навистина се во многу висок ризик и во ред е да се таму додека не им се најде заштита. Но тоа не може да биде вака и на овој начин, буквално како нивниот живот додека се таму да запира. И, за жал, не се прави ништо за ова да се измени. Таму мора да се смират и да имаат психолошка поддршка за да ѝ се намалат траумите. Тоа е процес, а таа промена што треба да ја направат кон самите себе е цел процес.

Ние баравме од Министерството за труд и социјална политика увид во шелтер-центрите, со цел да подготвиме програма за да се направат некои измени, но за жал не добивме увид, со образложение дека се работи за места што се на тајни локации и тоа не е за јавност и таа локација ние како организација не смееме да ја знаеме. Овде постои една основна недоверба на министерството кон граѓанските организации и тоа е многу сериозен проблем. Тој однос на недоверба што институциите го имаат кон граѓанските организации повлекува многу други нешта, а најмногу од сѐ трпат жртвите на семејно насилство. Во овој дел нам рацете ни се врзани.

Колку финансиската независност е клучна за една жена да излезе од пеколот наречен семејно насилство?

-Клучна е, да, бидејќи без финансиска независност жената зависи од сите околу неа. Се соочува со куп прашања дали и каде ќе ја примат, па дали ќе најде работа, дали ќе може да се посвети себеси… Ако системот има добра заштита кон жртвите, тие по престојот во шелтер-центрите нема да доаѓаат и да бараат помош од нас.

Во кого жртвите имаат поголема доверба, во институциите или во граѓанските организации за заштита од семејно насилство?

-Моето чувство е дека довербата е поголема во граѓанските организации, но не сите. Поголем дел од жените што доаѓаат кај нас обично се жртви што побарале помош во институциите, не биле соодветно пречекани, па потоа доаѓаат и се обраќаат кај нас и почнуваме еден процес од почеток. Кога зборуваме за насилство имаме превенција и рана идентификација на насилството, тука е, како што погоре споменав, клучно образованието. Има заштита каде што полицијата и ЦСР се клучни, и гонење на сторителите каде што е клучен правниот систем. Тука едни без други институциите не можат, а за да постои доверба, треба да постои придонес од сите институции.

Ако во годините наназад жените можеби сметаа дека веројатно ја заслужиле шлаканицата од мажот, на колку повисоко ниво е таа свест денес, дека ниту една жена не заслужува да биде малтретирана, ниту физички, ниту психички и дека секоја од нас е подеднакво важна?

-Свесноста е на многу повисоко ниво бидејќи жените веќе разбираат дека ниту една шлаканица не смее да се случи и не е заслужена. Секоја жена заслужува почит и ниту еден вид насилство не е дозволено, ниту оправдано, ниту физичкото, ниту психичкото, ниту економското насилство. Сето тоа е резултат на кампањите што ги спроведуваме и водиме заедно со министерствата и меѓународните организации.

Со измените во Кривичниот законик од февруари, 2023 година фемицидот е вклучен во посебен став, односно конкретно е појаснет како убиство на жена или девојка при вршење на родово-базирано насилство. Досега за една година за ова ново кривично дело има само една пресуда. Колку сте задоволна од донесувањето и неговото впишување на хартија, а колку од имплементирањето?

-Тоа е многу голем чекор што нашата држава го има направено и тука апсолутно немаше никаков отпор за негово впишување во КЗ. Но, како и за сѐ друго, така и за ова, имплементацијата затајува. Едноставно не се користи и не се препознава доволно. Убиството на жена од интимен партнер не се разбира како родово-базирано насилство. Кога актуелен или поранешен партнер ја убива партнерката, тоа по секоја дефиниција е фемицид, односно убиство на жена при вршење на родово-базирано насилство. Е сега, кој е отпорот на јавните обвинители да го користат овој став навистина не знам. Го користат како свирепо убиство, а не како родово-базирано насилство, иако казната е иста, односно и таму и ваму има доживотен затвор.

Случајот со жената што си ги пресече вените за да се поштеди себеси од насилство ја згрози и потресе јавноста. По настанот тој побегна и е во бегство. Како да ги спречиме ваквите појави, треба ли да има построги или строги казни и каква порака се праќа во јавноста со овие грозоморни случки?

-Првото постапување е најважно и тука се клучни центрите за социјални работи. Таа жена била да пријави семејно насилство, но она што е проблематично е дека ако институциите не гледаат физичка повреда, реакцијата е послаба. Таа доаѓала, пријавувала и не и била обезбедена заштита што требало да ја добие во првиот момент. Како изговор сѐ повеќе се користи фразата „не бевме сигурни дали таа лаже“. Пријавата во ЦСР не значи дека тој случај ќе заврши со приватна тужба, но институциите се должни, дури и кога има психичко насилство, да обезбедат заштита. За кај нас да се постапи за жал, треба менталното здравје на жртвата да е нарушено или да биде со многу видливи повреди.

Колку е тенка линијата од насилството до убиството?

-Има начини да се направи проценка, но ние како држава тоа можеме да го превенираме. Психијатриска проценка, според мене, треба да се прави на сите пријавени сторители и тоа ќе биде клучно за превенција. Тука ќе може да се види колкава е лутината, гневот, за каква личност станува збор, со какви карактеристики е тој… Не можете за овој проблем да кажете дека конкретна институција е виновна ако се случи убиство бидејќи тие ја немаат таа вештина за психијатриска проценка. Тоа го прават конкретни професионални лица специјализирани за тоа. За сето ова да се имплементира како што треба се потребни финансии и државата да одвојува буџет за овој проблем. Сѐ додека не се двојат пари од министерствата што досега ги споменувавме, и додека активностите поврзани со семејното насилство ги остава на проектни активности од донатори, дотогаш нема да имаме суштински напредок.

Последниот случај со убиството што викендов се случи во Штип е уште еден во серијата кога се пријавува насилство, па потоа жртвата се повлекува и се случува убиство. Очекувате дека овој случај обвинителите ќе го класифицираат како фемицид и дали тука препознавате фемицид?

-Да, од првата објава во медиумите дека се работи за партнери, самото тоа покажува дека е фемицид. Тука не треба ЈО да има дилема како ќе го класифицира ова дело. Ова е фемицид.

Катерина Додевска 

Фото: Роберт Атанасовски 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ