петок, 20 септември 2024

Дијамантите украдени во грабежот на векот вратени во Зелениот свод (ФОТО+ВИДЕО)

Во есента 2019 година беше објавена вест за спектакуларен грабеж во Дрезден. Уметнички предмети вредни повеќе од 113 милиони евра беа украдени од еден од најпрестижните музеи во Германија. Повеќето од нив сега се вратени на своето место.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа беше една од најспектакуларните кражби на уметнички дела во Германија: пред помалку од пет години, крадци украдоа непроценлив накит од музејот Зелен свод во Кралската палата во Дрезден. По судењето на членовите на берлинскиот семеен клан Ремо, беа осудени пет членови на бандата, додека еден осомничен сѐ уште не е фатен, пишува ДВ.

Поголем дел од накитот сега е вратен на своето место во собата за скапоцени камења во музејот. Од оваа среда, 14 август 2024 година, посетителите конечно ќе можат повторно да ги видат тие богатства; музејот дури и ќе го продолжи работното време бидејќи се очекува голем прилив на посетители.

Фото: ЕПА

Накитот ќе биде изложен во нереставрирана состојба – како што изгледал кога крадците го вратиле во декември 2022 година. Директорката на Државната уметничка колекција во Дрезден, Марион Акерман, е среќна што изложувањето на украдените предмети може да ѝ даде на јавноста „можност лично да ги види“.

Фото: ЕПА

Премиерот на Саксонија, Михаел Кречмер, го изрази својот ентузијазам и благодарност за време на презентацијата за медиумите, одржана ден пред повторното отворање на музејот за јавноста.

Под светлото во витрините, накитот блеска како никогаш да не бил украден. Само со внимателно набљудување може да се забележи оштетувањето. „Во моментов веруваме дека сите предмети може да се реставрираат“, рече Марион Акерман. Но тоа ќе биде можно само кога истрагата целосно ќе заврши – бидејќи сѐ уште не се расветлени сите околности на грабежот, а накитот се смета како доказ во постапката што е во тек.

Фото: ЕПА
Фото: ЕПА

Дрска провала

На 25 ноември 2019 година разбојниците го расипале уличното осветлување пред Кралскиот замок во Дрезден, извадиле дел од решетката на прозорецот на Зелениот свод и го отвориле прозорецот со хидраулична алатка. Двајца сторители влегле внатре, поминале низ две изложбени сали и стигнале до Собата со скапоцени камења. Активирале неколку аларми, но тоа не ги спречило со тешки секири да ги скршат витрините со скапоцени камења.

Крадците собрале сѐ што им дошло при рака и исчезнале непосредно пред да дојде полицијата. Тие украле 21 уникатен историски накит со вкупно 4.300 дијаманти, чија вредност била повеќе од 113 милиони евра.

Тоа беше богатството на Август Силниот, принцот од Саксонија и кралот на Полска, кој го добил прекарот „Сончев крал на Саксонија“. Тој владеел од 1694 до 1733 година и влегол во историјата како крал што сакал луксуз, раскош и жени. Нему градот Дрезден му го должи својот барокен раскош на бреговите на Елба.

Нема сомнеж дека владетелот сакал да се украсува со највредните парчиња накит. Меѓу нив има меч украсен со дијаманти, медал за на гради и еполета во која е вграден еден од најголемите дијаманти во Германија, т.н. „Саксонски бел“, со тежина од речиси 50 карати.

Грабеж на векот

Кражбата брзо беше прогласена за „грабеж на векот“; целиот свет известуваше за неа. Германија тогаш загуби едно од своите највредни културни богатства.

Експертите веруваат дека грабежот го нарачал некој богат колекционер на уметнички дела. Исто така, се верува дека многу од парчињата морале да се расклопат, а дијамантите повторно да се обработат – бидејќи таквите скапоцени камења не можат да се продаваат на отворен пазар.

Во меѓувреме, истрагата откри дека главните осомничени се во Берлин. Стануваше збор за семејниот клан Ремо, кого полицијата го следеше подолго време, бидејќи членовите на тоа семејство беа на работ да бидат осудени за уште една спектакуларна кражба на уметнички дела. Имено, тие се осомничени дека во март 2017 година украле златник тежок 100 килограми од берлинскиот музеј Боде. На истиот дрзок и ладнокрвен начин.

Фото: ЕПА

Некои предмети не беа пронајдени

Нешто помалку од една година по упадот во Зелениот свод, следуваа првите апсења. Шестмина осомничени се појавија пред судот во Дрезден; судењето почна на 28 јануари 2021 година и траеше повеќе од две години.

Фото: ЕПА

Одбраната и обвинителството на крајот склопија договор и во декември 2022 година беа пронајдени дел од украдените предмети. Музејската реставраторка рече дека некои историски предмети се значително оштетени: некои имаат скршени агли, има деформации и оштетувања предизвикани од влага – поради несоодветно складирање или обиди за чистење.

Зелениот свод и пред тоа беше повторно отворен за јавноста. Среде Собата со скапоцени камења стоеше уништената витрина. Посетителите можеа да ги видат преостанатите ситници што крадците не успеале да ги земат: копчиња, токи, бисерни ѓердани.

Сега празнините во витрината претежно се пополнети. Сепак, три особено вредни предмети со големи камења, вклучувајќи ја и еполетата со „Саксонскиот бел“, сè уште не се пронајдени. Марион Акерман се надева дека и тие парчиња накит еден ден ќе бидат вратени и повторно изложени на старото место.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ