„Пред неколку месеци го покренав прашањето за илегалните имигранти од Хаити кои ги исцедуваат социјалните услуги и генерално предизвикуваат хаос во градот Спрингфилд, Охајо. Извештаите сега покажуваат дека на граѓаните им биле украдени и изедени милениците од луѓе кои не би требало да бидат во оваа земја“, напиша Венс на Икс.
Од локалната полиција преку соопштение потврдија дека се запознаени со „гласините“ кои се шират, но дека нема докази за нив.
„Како одговор на неодамнешните гласини за наводна криминална активност од страна на имигрантската популација во нашиот град, би сакале да појасниме дека нема веродостојни извештаи или конкретни наводи дека домашни миленици биле повредени или злоупотребени од поединци во заедницата на имигрантите“, соопштено е од полицијата.
Портпаролот на Венс потоа одговори дека Венс „во текот на изминатите неколку недели примил голем број повици и е-пошта од загрижени граѓани во Спрингфилд и дека неговата објава на Икс се заснова на она што го слушнал од тие граѓани“.
Вилес Дорсаинвил, претседател на Центарот за помош и поддршка на заедницата на Хаити, непрофитна организација во Спрингфилд, ги осуди неодамнешните гласини како невистинити и расистички. „Тоа е нетолеранција, дискриминација и расизам. Има група луѓе кои измислуваат некои вести само за да ги оцрнат Хаиќаните“, посочи тој.
Дорсаинвил рече дека неговата организација им помага на мигрантите со апликации за работа, правна поддршка и други работи. Тој додаде дека Хаиќаните се преселиле во Охајо поради конфликти со банди и политички превирања во нивната татковина.
„Тие бараат место да подигнат семејство и бараат работа. Но, градот не беше подготвен за приливот на Хаиќани“, истакна тој.