Оваа стара изрека во овој момент совршено ја опишува политичката состојба која настана после ненајавената, недипломатска и на секој начин несоодветна и невообичаена посета на Аљбин Курти во Македонија, како по постапките, така и по пораките кон домашната јавност, регионот, па ако сакате и пошироко.
1. Притисокот на кој е изложен македонскиот народ и држава за нови и нови отстапки на државен и национален план, после посетата на Аљбин Курти се претвори во одлучност и сериозна хомогенизација на македонскиот народ кој сѐ помалку е спремен да верува во шарените лаги. Никој повеќе не ќе може да се крие позади бесмислените изговори на меѓународната заедница, ниту позади фризираните изјави на албанските политичари. Уште еден прво таен, а сега брутален атак врз македонската историја и во исто време исто така потаен, но сега веќе отворен крик за голема Албанија итекако влијаеше на севкупното расположение на македонскиот народ.
2. Уставните промени како неизоставна тема на нашиот политички живот после посетата на Аљбин Курти ја изгубија смислата, ги разголија намерите и дополнително ги утврдија и потврдија позициите на мнозинството македонски граѓани, преку 80 проценти не сакаат да пристанат на уцените и диктатот кој доаѓа од Бугарија. Дали Курти со оваа провокативна посета, смислено (по налог) или случајно (од лудост) во овој момент ги погреба уставните промени, веројатно никогаш нема да дознаеме.
3. Кога од нашиот политички живот ќе ја извадите темата на уставни промени, во истиот момент се губи смислата на постоењето на ова парламентарно мнозинство, бивши комунисти (СДСМ) и марксисти лењинисти (ДУИ), кое на агендата има само една едиствена тема, уставни промени. Фактот дека се работи за најкорумпираната Влада во македонската историја и Влада која во сите сегменти на општественото живеење бележи стагнација не треба посебно да се потенцира. Сите овие настани повторно ја отворија и ѝ дадоа нов живот на темата за брзо одржување на вонредни парламентарни избори.
4. Во севкупната политичка калакурница без ниту една добра вест, фала му на Господа, па пред сѐ заради лична заслуга на Аљбин Курти до крајни граници е соголена сеалбанската големоалбанска политика во регионот и што дојде до поделби внатре во блокот на албански партии – ве молам без илузии, само во натпреварот кој ќе биде порадикален во своите изјави.
Деновите на Аљбин Курти во Македонија само потврдија дека тој и неговата политика се темпирана бомба во темелите на регионалната соработка и стабилност. Од ова секако треба да се изведуваат соодветни заклучоци.
Иван Стоилковиќ, пратеник
(Претседател на Демократската партија на Србите во Македонија)