недела, 13 октомври 2024
Се чека да се заокружи процесот на вработување на поголем број образовни асистенти

Децата со попреченост соочени со дискриминација и недоволна вклученост во образовниот процес

Вкупно 2.300 деца со попреченост треба да се вклучени во образовниот процес во редовните училишта во Македонија. Од нив, според податоците на Министерството за образование, 2.000 ученици се во основните, а околу 300 во средните училишта. Во државава недостигаат образовни асистенти, а од МОН велат дека оваа година ќе бидат ангажирани над 1.000 стручни лица. Но децата со попреченост не ја почнаа наставата во почетокот на учебната година, како и сите други, бидејќи во училиштата не беше решен проблемот со образовните асистенти, па голем дел од нив останаа дома.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Министерката за образование и наука Весна Јаневска неодамна изјави дека тие својата работа ја завршиле и дека училиштата треба да распишат конкурс за да се обезбедат образовни асистенти. Овој процес е во тек.

„Децата со попреченост имаат и ќе имаат асистенти. Веќе се обезбедени 815 асистенти, а за 200 се чекаше ребаланс на буџетот. Министерството за образование и наука (МОН) ја заврши својата работа, а училиштата со ресурсни центри го распишуваат конкурсот за нивно ангажирање“, изјави Јаневска пред неколку дена.

Образовните асистенти им помагаат на учениците со попреченост полесно да ги совладуваат училишните обврски и да го достигнат својот полн потенцијал, но овие деца сѐ уште чекаат целосна реализација на овој процес. Од МОН уверуваат дека новото раководство ќе го реши овој проблем.

„Со новиот Закон за средно образование, кој се подготвува во моментов, образовни асистенти ќе се ангажираат и во средните училишта, каде што досега образовна асистенција се обезбедувала преку разни проекти на локалните самоуправи и меѓународни организации. Со овие измени државните средни училишта за деца со попречености ќе се трансформираат во средни училишта со ресурсни центри и ќе функционираат на идентичен начин како и основните училишта со ресурсни центри. Тие ќе обезбедуваат кадровска и друг тип поддршка за редовните средни училишта при организирањето на наставата за учениците со попреченост. Новото раководство на Министерството за образование и наука веќе најави јавна консултација за промена на моделот на инклузија токму поради досегашните реакции на родителите на учениците со попреченост дека овој е недоволно функционален“, велат од МОН.

Родителки потпишале петиција за да се отстрани од настава девојче со Даунов синдром

Дискриминација е секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се засновува на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или како резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Ова ги опфаќа сите форми на дискриминација, вклучително и оневозможување на соодветно приспособување и оневозможување пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.

Освен недоволниот број образовни асистенти, овие деца со попреченост се соочуваат и со дискриминација во училиштата во кои треба да посетуваат настава.

Единаесет родителки потпишале петиција за да се отстрани од настава девојче со Даунов синдром од училиште и вршеле бојкот на наставата со непуштање на своите деца на настава додека не се оствари барањето од петицијата, односно додека девојчето во ООУ Братство Башкими Бирлик во Гостивар не биде избркано. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација по службена должност се вклучила и го издвојува овој случај за заштита од дискриминација на девојчето, за кое родителите на другите деца образложиле дека на моменти е агресивно.

Родителите на девојчето решиле да ја запишат во редовна инклузивна настава, а КЗСД утврдила дека ученичката ротирала во три паралелки со различни учителки, наводно како решение да се намали отпорот на родителите кон присуството на ученичката во редовна настава, за што претставници на училиштето тврдеа дека имале согласност од родителите на ученичката со Даунов синдром. Директорот на училиштето покажал разбирање пред родителите на девојчето тоа да посетува настава само во една паралелка, а во училиштето вработиле дефектолог и образовен асистент, па дури ја предложил и својата канцеларија како место во кое ученичката ќе може да биде згрижена кога ќе биде агресивна и вознемирена, заедно со образовната асистентка.

Во овој случај е утврдена дискриминација, а Државниот просветен инспекторат извршил вонреден инспекциски надзор, по што е наложено да се постапи согласно со Концепцијата за инклузивно образование, која предвидува вклученост и прифатеност на сите деца во образовниот процес, со посебно внимание на децата што може да бидат маргинализирани, дискриминирани и исклучено од образовниот процес.

Дискриминаторска форма кон децата со попреченост е и недоволниот број на образовни асистенти. Од информациите кои се стигнати до КСЗД бројката на образовни асистенти нема во целост да ги задоволи потребите на сите ученици со попреченост и нивните наставници.

„Во сите училишта со ресурсен центар има пристигнати поголем број барања, од одобрениот број образовни асистенти за оваа година. Останува фактот дека сите учениците со попречености во средното образование, поради непостоење на законски дефинирана поддршка, остануваат без образовна асистенција“, велат од КСЗД.

За тоа какви се искуствата и наставниот и помошниот кадар, а какви на родителите на децата со попреченост, од КСЗД ни испратија проценти за ова прашање.

„Врз основа на искуствата на основните училишта со ресурсни центри и нивните истражувања во однос на задоволството на родителите од поддршката што ја добиваат учениците од образовните асистенти, околу 93% од родителите што користат поддршка изјавиле дека се задоволни од поддршката, 4,4 % делумно задоволни и 2,2% дека се незадоволни. Загрижува фактот со временскиот период што го поминува ученикот со ПОП во одделението, односно од овие искази, 62,2% истакнале дека ученикот седи на сите часови, 31,1 % во временски период од 2-4 часа, 6,6% во временски период од 1-2 часа. Како предлози за поуспешна комуникација родителите во овие истражувања навеле дека е потребно навремено запознавање на образовниот асистент и одделението и подобра меѓусебна комуникација и размена на информации. Од страна на прашањето за доставување предлози за дополнителна поддршка, наведени се вклучување на учениците со попреченост во воннаставни активности, обезбедување дидактички материјали, поддршка од специјален едукатор и рехабилитатор (во рамките на работењето на стручните соработници), потреба од логопед (за кој е потребна измена на Законот за наставници и стручни соработници), поголема поддршка од наставниот кадар“, стои во деталниот одговор од КСЗД.

Лицата што сметаат дека претрпеле дискриминација може да поднесат претставка до Комисијата, без обврска за плаќање такса и друг надоместок. Комисијата покренува постапка и по службена должност ако од околностите и фактите, како и од сознанието по допрен глас, основано произлегува дека од страна на физичко или правно лице е извршена дискриминација во согласност со законот.

„КСЗД дава мислење во рок од 60 дена од денот на поднесувањето на претставката и го доставува до поднесувачот и до лицето против кое е поднесена претставката. Комисијата по сопствена иницијатива упатува и општи препораки во случај на дискриминација на поголем број лица. Комисијата исто така иницира измени на прописи заради спроведување и унапредување на заштитата од дискриминација, дава мислење на предлози на закони. КСЗД има надлежност да поведува и да се јавува како замешувач во судски постапки за заштита од дискриминација. По барање на странката или по сопствена иницијатива може да поднесе барање судот да му овозможи да дејствува како пријател на судот. Во однос на сензибилизацијата на јавноста, КСЗД ги споделува своите мислења, наоди и препораки и ѝ се обраќа на јавноста преку кој било медиум. Лицето што смета дека е дискриминирано може да поднесе тужба пред надлежен суд. Во досегашната практика КСЗД не била инволвирана во судски предмет што се однесувал на дискриминација на учениците со попречености во образовниот систем“, појаснуваат од КСЗД.

Во теоријата стои дека ниту едно дете со попреченост не смее да седи дома, но во практиката тоа и не е баш така. На укажувањето дека има деца што седат дома од почетокот на учебната година министерката Јаневска испрати апел до родителите и до раководствата на училиштата и до наставниците дека ниту едно дете не смее да седи дома.

Сите мора да бидат примени во училиште, и ако нема образовни асистенти, тогаш има инклузивни тимови, психолози, педагози, дефектолози, а некаде и социолози, и децата со попреченост мора да бидат примени во училиштата. Во меѓувреме се чекаат поголем број образовни асистенти.

Катерина Додевска 

 

 

Со овој текст, МКД.мк се приклучува на иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ