среда, 11 декември 2024
Славој Жижек

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Дали Украина треба да има нуклеарно оружје?

Ситуацијата во Украина станува сè поапсурдна. Американските изолационисти и медиуми сметаат дека употребата на ракети со голем дострел против Русија од страна на Украина претставува опасна ескалација на војната, а новиот руски бран напади врз цивилната инфраструктура се третира како нешто нормално со оглед на околностите.

По извојуваната победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во 2024 година, Александрија Окасио-Кортез, конгресменка од Њујорк која доаѓа од демократите, упати јавен апел кон оние кои гласаа за неа и за Трамп, сакајќи да знае што е она што ги мотивирало луѓето за таков, навидум, недоследен избор во гласањето. Главниот одговор кој го доби беше дека таа и Трамп изгледаат поискрени, додека на заменик-претседателката Камала Харис гледаат како на некој кој премногу калкулира.

Таа активност се покажа како корисна, а истото би можеле да ги прашаме и левичарите кои искажуваат поддршка за Палестинците и Русија. На крајот на краиштата, Русија ги бомбардира украинските градови сè додека не почнат да наликуваат на Газа, и исто како што десничарските партии во владата на Израел сакаат да формираат Голем Израел, така и Кремљ се надева дека ќе формира Голема Русија. Во таа смисла, рускиот проект на елиминација треба секогаш да го имаме предвид кога правиме проценка за тоа какви се состојбите на теренот.

Веднаш откако беше донесена одлуката на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ѝ дозволи на Украина да лансира кон Русија ракети ATACMS кои се обезбедени од САД (и кои имаат дострел до 145 километри), Кремљ предупреди дека секоја употреба на западно оружје против Руската Федерација може да предизвика нуклеарен одговор според нејзината нова нуклеарна доктрина. Сепак, Украинците одговорија веќе следниот ден со истрелување на шест ракети ATACMS врз воен објект во областа Бријанск (во непосредна близина на границата со Украина).

Иако Русија тврди дека штетата е мала – пет од овие проектили беа соборени и нема жртви – според нејзината нова нуклеарна доктрина ова би значело дека Русија сега е во војна со САД и има право да користи нуклеарно оружје против Украина. Со оглед на тоа што некои од луѓето околу Трамп веќе го обвинија Џо Бајден за тоа дека презема опасен чекор во насока на светска војна, дали е во ред да се каже дека Украина, овој пат, отиде предалеку? Дали ја наруши кревката рамнотежа која досега го „држеше“ конфликтот во одредени граници?

Пред да избрзаме со ваквиот заклучок, мора да имаме предвид дека САД ѝ дозволија на Украина да таргетира локации првенствено во областа Курск, кој е пограничен регион од кој Русија започнува голем број од нападите врз украинските позиции. Како што изјави и шефот за надворешна политика на ЕУ (во заминување) Жозеп Борел: „Украина треба да биде во можност да го користи оружјето што ѝ го дадовме не само за да ја запре стрелата, туку и да може да ги погоди стрелците“.

Да се потсетиме исто така и на тоа дека Русија ја засили својата кампања против Украина само неколку дена претходно и ја нападна целата земја со беспилотни летала и проектили насочени против цивилната енергетска инфраструктура, и тоа непосредно пред почетокот на зимата. Шест украински проектили предизвикаа паника низ целиот свет а руското систематско уништување на украинската инфраструктура се смета за нешто нормално – слично како и израелското уништување на северниот дел на Газа.

Ситуацијата е истовремено многу непристојна и апсурдна. Откако започна освојувачка војна против својот мирен сосед, Русија сега сака нејзината територија да не биде опфатена со воениот виор и во таа смисла ја обвинува Украина, која е жртва, за „проширување“ на конфликтот. Ако Русија е сериозна во врска со својата нова нуклеарна доктрина, еве да понудиме еднакво сериозна контрадоктрина: ако независна земја биде нападната од нуклеарна суперсила со сили кои не се од нуклеарна природа, тогаш нејзините сојузници имаат право (дури и должност) да ѝ обезбедат нуклеарно оружје за да има можност да одврати напад.

Честопати се вели дека Путин сака повторно воспоставување на Советскиот Сојуз и сталинизмот; но ова не е точно. Наместо тоа, неговиот режим се одржува со визија за ерата на царизмот во периодот пред 1917 година, кога зоната на влијание на царска Русија ја опфаќаше не само Полска, туку и Финска. Времето ќе покаже дали неоцаризмот на Путин е повеќе од сон или не. Во денешново време на мултиполарен свет, лесно е да се замисли подем на силни империи, секоја со своја зона на влијание.

Како што изјави Путин на Меѓународниот економски форум во Санкт Петерсбург во јуни 2022 година, „суверенитетот во дваесет и првиот век не може да биде сегментиран или фрагментиран“. Поддржувањето на политичкиот суверенитет и националниот идентитет е од суштинско значење, изјави тој, а исто така и зајакнувањето на сè она што „ја одредува економската, финансиската, професионалната и технолошката независност на нашата земја“. Јасно е дека само една нова империјална Русија, а не Украина или Белорусија или Финска, ќе може да ги ужива целосните придобивки од суверенитетот.

За работите да бидат уште полоши, истиот ден кога претседателот Владимир Путин ја објави новата руска нуклеарна доктрина, Би-Би-Си извести дека „загадувањето на воздухот во главниот град на Индија, Делхи се искачи на екстремно сериозни нивоа, ги гуши жителите и го покрива целиот град во густ смог“. Ваквата состојба го попречува воздушниот превоз, ги  принудува училиштата да не работат и ги запира сите градежни активности. „Експертите предупредуваат дека ситуацијата во Делхи може да се влоши во деновите кои претстојат“.

Додека Русија ја спроведува империјалнатата агресија и штрака со својата нуклеарна сабја, стотици милиони луѓе се гушат во загадениот воздух. Нашите медиуми ја трубат употребата на западно оружје против Русија како „вонредна вест“, и тоа на насловните страници, а нашите левичари сметаат дека „прекумерната“ одбрана од страна на Украина претставува опасна ескалација. Заканата за нашиот опстанок, пак, речиси и да не се споменува.

Славој Жижек

(Преземено од Республика)

КОЛУМНИ

Кристина Пота Радуловиќ

Што е она што можам да го направам сега?

Љубомир Николовски

Коби Брајант: стремеж кон совршенство

Соња Стојадиновиќ

Кој ќе победи на избори? Прашај го ЧетГПТ

Светлана Јовановска

Иновации или играње со европските закони

Ристо Цицонков

Околу новата стратегија за енергетски развој на Македонија

Александар Стојановски

Регистар за двојни стандарди

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ