Пратениците на Европскиот парламент го поддржаа укинувањето на визите за граѓаните на Косово, со што е отстранета и последната правна пречка за официјално потпишување на Договорот за визна либерализација.
Дачиќ за српската телевизија Прва кажа дека Србија во принцип не е против визната либерализација за Косово, но дека одбраниот момент „ изгледа како да е награда за нешто“, иако Косово не ги исполни своите обврски, од кои првата, како што кажа, е формирање на Заедницата на српски општини.
На прашањето дали за Србија е корисно тоа што учествува во дијалогот со властите во Приштина, со посредство на Европската Унија, Дачиќ кажа: „Ако можеме да повлечеме линија, беше корисно за Србија тоа што учествува во дијалогот“.
Дачиќ истакна дека Заедницата на српски општини би била „првиот облик на некакво самоорганизирање на Србите на Косово“.
„И прва автентична организација, бидејќи досега беа само органите на Србија на Косово“, истакна Дачиќ.