Дачиќ на конференција за медиумите, по средбата со шефицата на дипломатијата на Габон Јоланде Нјонда, кажа дека на десетгодишнината од Бриселскиот договор на Белград и Приштина, постигнат под покровителство на Европската Унија, најавува дека Одборот на министри на Советот на Европа ќе почне процедура за прием на Косово во таа институција. „Ако тоа е точно, јас нема да одам во Стразбур бидејќи во Советот на Европа никогаш не било примено нешто што не е држава“, кажа Дачиќ.
Тој ѝ испрати порака на ЕУ оценувајќи дека е невозможно од една страна да го брани територијалниот интегритет на Украина, а истовремено да го урива територијалниот интегритет на Србија, која во својот устав Косово го гледа како интегрален дел од својата територија и не ја признава независноста која Приштина еднострано ја прогласи во 2008 година.
Дачиќ потсети и на обврската на приштинските власти преземена во Брисел во 2013 да формираат Заедница на српски општини (ЗСО) на Косово, која е истакната и во неодамна прифатениот предлог за нормализација на односите на двете страни усогласен на 18 март во Охрид.
Србија, додаде Дачиќ, нема да дозволи „нејзината конструктивност да се гледа како слабост“, и дека Косово, 10 години по потпишувањето на договорот и отфрлање на обврската да ја формира ЗСО, треба да биде „наградено со почнување на процедурата“ за прием во Советот на Европа.
„Тоа е таков фаул, што е непростливо“, истакна српскиот министер. Освен можната посета на Стразбур, која е доведена во прашање, Дачиќ истакна и дека размислува за одржувањето на претстојните разговори со министрите за надворешни работи на Шведска и Франција.