вторник, 15 октомври 2024

Да се разрешат министрите Меџити и Алиу, побара Џафери од Собранието

Техничкиот премиер Талат Џафери достави допис до претседателот на Собранието Јован Митрески, во којшто, како што е наведено, согласно член 94, став 2 од Уставот, предлага Собранието, на првата наредна седница, да ги разреши: Фатмир Меџити, од функцијата министер за здравство и Азир Алиу, од функцијата министер за информатичко општество и администрација, соопшти владината прес-служба. Џафери го прифати и предлогот потпишан од Управниот совет на Алијанса на Албанците за именување нови министри. Претседателот на Собранието Јован Митрески набрзо потоа ја закажа оваа седница за утре.

Објавено на

часот

Сподели

„Материјалот од Влада е примен, службите го разгледуваат по што ќе биде доставен до сите пратеници. За предлогот за разрешување на министерот за здравство и на министерот за информатичко општество и администрација ќе се расправа на првата наредна седница на Собранието, односно утре, петок“, посочија од кабинетот на претседателот на Собранието.

Премиерот Џафери, во дописот до претседастелот на Собранието, му предлага на парламентот да ги избере: Илир Демири, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство и Наим Бајрами, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација.

Барањето за смена на Меџити и на Алиу доаѓа откако тие го поддржаа претседателот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, кој најави дека на избори ќе оди со албанската опозоција, додека крилото на АА предводено од поранешниот лидер и претседател на Централното собрание на партијата, Зијадин Села кој се повикува на последниот состанок на ова партиско тело и одлуката за самостоен настап на парламентарните избори на 8 мај.

Во предлогот не се наоѓа името на министерот за правда, Кренар Лога кој е приврзаник на Села.

Денеска лидерот на СДСМ најави дека пратеничката група на партијата за предлогот ќе гласа согласно тоа што е во него наведено и согласно ставот на пратениците од Алијанса за Албанците, што значи дека ќе гласаат за разрешување на двајцата министри и за именувањето на новите предлози, имајќи предвид, барем досега, дека шест од осум пратеници од АА се на страната на Зијадин Села.

Од друга страна, доколку се покаже оваа броја за шестте пратеници како точна, тогаш техничката влада останува засега стабилна, имајќи предвид дека со нив парламентарното мнозинство треба да брои 63 пратеници, односно има двајца повеќе од потрениот минимум.

За вечерва во Куманово лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари најави состанок на членовите на Централното собрание, од кои очекува да му искажат поддршка за неговиот став да се премине во опозиција и партијата да се приклучи кон Европски сојуз за промени.

Министерот Меџити, кој е на страната на Таравари, изјави дека лидерот е легитимине и дека мнозинството кое, и според него, брои 83 од 130-те членови на партиското собрание, ќе му ја дадат поддршката за опозициски изборен настап.

Зијадин Села, како претстедател на партиското собрание, ова тело го закажа за сабота во Скопје и вели дека само таму се носат легитимни одлуки. Доколку има кворум, а според Меџити нема да го има потребното мнозинство, тогаш Села преку членовите, може не само да ја потврди претходната одлука за самостоен изборен настап, туку и  да иницира и разрешување на Таравари од претседателската позиција.

Започнатото партиско пребројување започнато по фејсбук-изјавата на Таравари дека Алијанса за Албанците ќе се приклучи кон опозициската коалиција Европски сојуз за промени, продолжува.

Вечерва и во сабота се клучните денови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ