вторник, 8 октомври 2024

Да се промени начинот на кој постапуваат судиите и јавните обвинители, предлагаат експертите

Коалицијата „Сите за правично судење“ денеска во Скопје ги презентираше препораките и акцискиот план за подобрување на состојбите во правосудството, изработени во рамки на проектот „Подобрување на учеството на засегнатите страни во процесот на реформи во правосудство“. Препораките и акцискиот план се оформени по спроведениот консултациски процес кои судиите и јавните обвинители ги посочиле во аспект на функционирањето на правосудниот систем.

Објавено на

часот

Сподели

„Почнавме процес преку кој сакавме да дадеме платформа преку која судиите и јавните обвинители ќе можат меѓусебно да се координираат, усогласат да изградат заеднички став во однос на оние битни проблеми и прашања кои ги сметаат за суштински и да се понудат препораки дадени изворно од нивната страна кои се однесуваат на извршната, законодавната но и на судската власт на самите судии и јавни обвинители и се во насока да се унапреди ефикасноста на брзината на кривичните постапки и секако владеењето на правото. Особено оние кривични постапки кои и јавноста најчесто ги следи и преку нив се информира за работата на судовите“, изјави Дарко Аврамовски, извршен директор на Коалиција „Сите за правично судење“

Еден дел од препораките се однесуваат на промената на практиките и пристапот на постапување на самите јавни обвинители и судиите.

„Промена на начинот на којшто се менаџирааат и раководат главните расправи и се закажуваат динамиките и се организираат сите дејствија кои се изведуваат на рочиштата за главна расправа. Промени во начинот на пишување и соопштување на пресудите и обвиненијата, унапредување на соработката на Јавното Обвинителство со останатите органи на прогон како што се вештаците. МВР, полицијата и сите оние други чинители кои имаат влијание. Меѓутоа има и препораки кои се однесуваат на законодавната власт, конкретно за специфични законски промени, но и секако онакви препораки кои се однесуваат и на извршната и на законодавната власт, а се во насока на унапредување на материјалната и човечка екипираност на судовите и јавните обвинителства. Не само со судии и јавни обвинители туку и со целиот останат стручен и помошен персонал кој треба да го имаат на располагање“, посочи Аврамовски.

Овие препораки, како документ ќе се користат понатаму за застапување. Од коалицијата најавија дека имаат закажано неколку состаноци со претставници на повеќето институции како и професионалните здруженија на вработените во овие установи.

„Овој документ ќе може да се користи за сите реформски процеси или било кои случувања понатаму за да се види воедначениот став на голем дел од судиите и јавните обвинители кои сакаат да учествуваат во овој процес“, посочи Аврамовки.

Во текот на консултацискиот процес и изработката на препораките за подобрување на состојбите во правосудството учествувале по шеесетина судии и јавни обвинители.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ