среда, 11 декември 2024

Црвенковски: Македонија загуби голем државник

Објавено на

часот

Сподели

Во своето сочувство Црвенковски нагласува дека Глигоров го претставувал гласот на разумот не само во Македонија, туку и во целиот регион, и тоа во време кога насекаде околу нас беснееше националистичко лудило и се водеа крвави меѓуетнички војни.

„Благодарение најмногу на него и на неговата политика, Македонија стана независна и меѓународно признаена држава по мирен пат, без жртви и без крвопролевање“, вели Црвенковски.

Според Црвенковски, Глигоров никогаш немал дилема каде е иднината на Македонија и тој прв ја промовирал и ја застапувал идејата за нејзино интегрирање во НАТО и во ЕУ.

Тој истакнува дека ниту една друга личност во изминативе 20 години немала толку голема поддршка од граѓаните на Македонија како што имал Глигоров, а истовремено и меѓународна почит.

„Стара изрека е дека историјата ја пишуваат победниците. Но нема такви победници што можат да ја избришат грандиозната улога на Киро Глигоров во историјата на македонскиот народ и македонската држава“, вели претседателот на СДСМ.

По повод смртта на првиот претседател на Македонија, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во седиштето на партијата во Скопје, како и во сите општински организации на територијата на Македонија, ќе отвори книга на жалост.

Во чест на претседателот Глигоров, СДСМ утре ќе одржи и комеморативна седница, а знамињата пред сите седишта на партијата се спуштени на половина копје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ