Градот сега е целосно напуштен, кажа шефот на тимот на ИЦРЦ Марко Сучи преку видеоврска од главниот град на Нагорно Карабах, Степанакерт за Ерменците и Канкенди за Азербејџанците.
„Болниците не функционираат, медицинскиот персонал заминал, надлежните тела на управата за водоснабдување заминале, директорот на мртовечницата исто така заминал. Така што ова сценарио е прилично надреално“, истакна Сучи.
Тимот на ИЦРЦ сега со мегафони ги проверува улиците барајќи ги жителите кои останале. Една од нив е Сузана, постара жена заболена од рак и изнемоштена, која почнала да покажува знаци на анемија и потхранетост и покрај залихите кои ѝ ги оставиле соседите.
„Морам да кажам дека е прилично тешко да се најдат најранливите во нужда и во вакви услови да се најде Сузана сосема сама беше навистина емотивен момент“, кажа Сучи. Жената била евакуирана со брза помош во Ерменија.