недела, 6 октомври 2024

Ципрас доби награда за мир од грчка организација за Договорот од Преспа

@Ако Европската Унија се покаже некредибилна во однос на своето ветување за Западен Балкан, за нејзиното соседство, тогаш нема да има никаков кредибилитет како меѓународна геополитичка сила#, порача поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во неговиот говор откако му беше доделена наградата за мир за Договорот од Преспа од грчката организација „Опсерваторија на меѓународни организации и глобализација“.

Објавено на

часот

Сподели

За значењето на Договорот од Преспа, за потребата да се почитува од новата власт во Македонија, но и за ЕУ перспективата и важноста за целиот регион, како што јави МИА од Атина, говореше, меѓу другото Ципрас откако ја прими наградата за мир „Никос Никофоридис“, што од 2018 година ја доделува мировната организација „Опсерваторија на меѓународни организации и глобализација“, а оваа година беше награден поранешниот грчки премиер за договорот со нашата земја.

Ципрас посочи дека Договорот од Преспа „има особена важност“ и дека не смее да се дозволи „да се изгуби моментумот создаден за европската перспектива на регионот“.

„Како што неодамна кажавме со Зоран Заев, треба јасно да ставиме до знаење дека единствениот пат, не само за европската иднина, туку и за иднината на самата Северна Македонија како земја е почитувањето на Договорот од нејзиниот нов политички и државен врв“, рече Ципрас.

Тој додаде дека „ова, сепак, не е доволно“, бидејќи потребно е да се врати моментумот за ЕУ интеграцијата на регионот.

Ципрас објасни дека за неколку дена ќе биде во Белград со Комитетот за Западен Балкан на Советот на Европа, каде што, како што рече, ќе има можност да истакне дека „во време кога дестабилизацијата се интензивира, не смееме да дозволиме Балканот да стане неконтролирана арена за натпревар на сили“.

„Не треба да дозволиме национализмот уште повеќе да тлее во регионот. Треба да го вратиме моментумот на европската перспектива создадена со Договорот од Преспа, извлекувајќи го регионот од стагнацијата во која беше во 2018 година. Договорот што претставува модел за решавање на спорови за Западен Балкан, бидејќи докажа дека постои пат до заемно прифатливи решенија кои ги бранат националните интереси, а истовремено промовираат мир. И ако Европската Унија се покаже некредибилна во однос на своето ветување за Западен Балкан, за нејзиното соседство, тогаш нема да има никаков кредибилитет како меѓународна геополитичка сила“, рече Ципрас.

Поранешниот грчки премиер говореше и за останатите прашања од грчката надворешна политика, на почетокот на неговиот говор коментираше дека е непријатно да примаш награда за мир среде крвави војни, но и дека „можеби тоа е и можност да се разбере дека борбата за мир не е бесмислена, застарена или чудна“.

Наградата за мир е во спомен на борецот за мир Никос Никифоридис, кој на 23-годишна возраст го предводеше Мировниот младински фронт во 1950 година, кој во Грција го ширел апелот од Стокхолм за укинување на целото нуклеарно оружје, по што бил уапсен, казнет со смртна казна и егзекутиран на 5 март 1951 година во Солун.

Ципрас рече дека е голема чест за него што ја добива конкретната награда што го носи името „на младиот член на младинската организација, кој остана парализиран и слеп“ и кој беше погубен „под обвинение дека собираше потписи за мир“.

Конкретната награда за мир оваа година освен на Ципрас им беше доделена и на двајца претставници на движењето за обединет Кипар. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ