понеделник, 14 октомври 2024

Човекот осомничен дека продавал пејџери на Хезболах заминал во САД и оттогаш му се губи трага

Норвешката полиција издаде меѓународна потерница за маж поврзан со продажбата на пејџери на милитантната група Хезболах.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На Ринсон Хозе (39), основачот на бугарската компанија Норта Глобал, наводно вклучена во синџирот со снабдување на пејџери, му се губи трага за време на службено патување во САД минатата недела. „Вчера добивме дојава дека исчезнало лицето кое се поврзува со пејџерите. Отворен е случај за исчезнато лице и по него распишавме меѓународна потерница“, соопшти полицијата во Осло.

Хозе одби да зборува за пејџерите кога Ројтерс го контактираше на 18 септември и го прекина повикот откако беше прашан за работењето на компанијата во Бугарија. Потоа повеќе не одговараше на повиците и пораките на новинарите. Покрај тоа што има своја компанија, Хозе работи и во одделот за продажба на норвешката медиумска компанија ДН Медија груп.

Работодавецот потврди дека Хозе патувал на конференција во Бостон на 17 септември, но изгубил контакт со него следниот ден. Според бугарскиот корпоративен регистар, Хозе во 2022 година ја основал Норта Глобал, компанија со седиште во главниот град Софија.

Бугарските власти ја испитуваат улогата на компанијата во снабдувањето со пејџерите, но не пронашле докази дека тие биле произведени или извезени од Бугарија. Во експлозиите на пејџери, за кои се обвинува Израел, загинаа 12 лица, меѓу кои две деца, а беа повредени околу 2.800 други.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ