петок, 13 декември 2024

Кои се четворицата кандидати за претседател со најмалку потписи, а со големи ветувања?

Трката за претседателската функција и за влез во Вила Водно на површината засега исфрли 11 кандидати кои поднесоа иницијатива за собирање потписи на поддршка од граѓаните, додека за кандидатите од двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова Државната изборна комисија нема известување. На листата од 11 претенденти за фунцијата претседател на Македонија се појавија четири имиња за кои граѓаните речиси имаат малку информации за кого се работи – Ѓорѓи Манасков, Зорица Цветковска, Господин Попоски и Томе Николоски.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

За дел од јавноста познато е само името на Ѓорги Манасков кој ја раководи Стопанската комора за енергетика на Македонија.

Зорица Цветковска, според нејзините објави на Фејсбук, може да се заклучи дека е член на партијата Десна и дека работи како инпектор.

Господин Попоски е од Вевчани, тој е градежен работник и се бави и со земјоделство. Негови вевчанци се пошегуваа дека сите нудат кандидати, но само Вевчани нуди господин за претседател.

Се чини, Манасков, Николоски, Цветковска и Попоски се пред тежок предизвик да ги обезбедат потребните 10 илјади потписи од граѓаните без кои нема да можат да влезат во трката за Вилата Водно кога официјално ќе биде означен стартот.

Според последниот пресек на собрани потписи заклучно со синоќа во 20 часот, Томе Николоски се уште не добил ниту еден потпис на поддршка, за Господин Попоски засега 19 вевчанци дадода гаранција пред Општинската изборна комисија дека му ја даваат поддршката, Зорица Цветсковска собра 99 потписи, а Ѓорги Манасков има 186 потписи. Како што може да се види од табелата, работата ја завршил единствено Бујар Османи како кандидат на ДУИ кој веќе ја преминал бројката од 10.000 потписи, додека блиску до потребната граѓанска поддршка се Максим Димитриевски канидат на ЗНАМ-За наша Македонија, Арбен Таравари на коалицијата Вреди, а блиску до Таравари е и кандидатката на Левица, Билјана Ванковска.

Се чини дека досега четирите најслабо „пласирани“ кандидати немаат силна политичка и партиска поддршка и затоа нивната борба за потписи во моментов се чини крајно неизвесна.

За Ѓорѓи Манасков освен што е ангажирано во бизнис заедницата, тој е и член на ВМРО-ДПМНЕ, но од таа партија, како и Вело Марковски, не ја доби поддршката и реши сам да ја започне трката, но сепак, до партијата и членството упати порака:

„Ги повикувам сите ВМРО членови да дојдете во подрачните канцеларии на ДИК и да го дадете потписот за Ѓорѓи Манасков , за да соберам 10.000 потписи и влезам во трката за претседател а Македонија. Ако не ми помогнете, немој да очекувате дека кандидатот на ВМРО ќе победи. Тогаш повторно ќе победи било кој освен кандидатот на ВМРО и пак ќе се чудите од каде сѐ знам“, очигледно алудиурајќи на тоа дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова не е член на партијата, како што не беше ниту Данела Арсовска која со поддршката од ВМРО-ДПМНЕ беше избрана за градоначалничка на Скопје.

Негов приоритет, како што може да се забележи не само од објавите по социјалните мрежи, туку и од активностите во изминатиот период како претседател на комората за енергетика, ќе  бидат ветувања за енергетско и економско јакнење на земјата, потпирајќи се на македонските стручњаци за изградба на големи капацитети и за враќање на струјата од ЕВН на државата.

Зорица Цветковска пак, ветува дека ќе го врати достоинството на државата, за која вели, во никаков случај не смееме да ја именуваме како Северна Македонија.

„Ветувам дека како претседател на Република Македонија, нема да потпишам ниту еден указ за прогласување на каков било закон во кој ќе се содржи наметнатото и вештачко име на нашата Татковина“, вели Цветковска во повикот до граѓаните преку Фејсбук.

Таа ги повикува сите граѓани кои ја сакаат Македонија да ѝ го дадат својот потпис зашто таа ќе се залага за „македонизам, суверенизам и за почитување на вековните и наследени духовни и морални вредности на Македонците и православието“ и  ќе ги врати „честа и угледот на понижениот и обесправен македонски народ и на сите лојални граѓани на Република Македонија“.

Инаку, чести се нејзините објави во функција на партијата Десна преку кои остро ги критикува особено ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Господин Попоски не е активен преку социјалните мрежи. Засега има една негова изјава дадена за порталот Охридpress преку која ги повика граѓаните да му дадат поддршка во подрачното одделени на ДИК во Струга.

„Се залагам за името, за студентите, за земјоделците и за пензионерите“, изјавил кратко 48-годишниот вевчанец.

Инаку, кандидатурите на Стево Пендаровски од СДСМ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ треба да бидат потврдени од партиските тела на почетокот на март годинава. Како партии со голем број пратеници тие ја имаат можност да се кандидираат со 30 потписи од пратеници. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски најави дека за кандидатурата на Силјановска Давкова ќе бидат обезбедени и потписи од пратеници и потписи од граѓани.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март канцелариите ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Потоа, учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ