недела, 8 септември 2024

Бунт против масовниот туризам: пијани гости и цени што вртоглаво растат

Во јули на улиците на Палма, главниот град на Мајорка, излегоа демонстранти што носеа транспаренти со слогани како „Не за масовниот туризам“ и „Туризам, но не вака“.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Иако не присуствувал, со пораките се согласува Хајме Фустер (27), мештанин. „Ова треба да биде повик за будење за нашите политичари да донесат закони против пренатрупаноста и да воведат регулативи што ќе го подобрат квалитетот на животот на оние од нас што живееме овде“, вели овој хотелски работник, пренесува Гардијан.

Тој додава дека станбената криза на островот е надвор од контрола. Како и многу негови пријатели, тој сè уште живее со своите родители. „Невозможно е од нашите плати да се живее самостојно“, вели Фустер, кој е вработен само осум месеци во годината.

Како угостителски работник, тој е свесен за придобивките од привлекувањето посетители на островот каде што пораснал. „Туризмот е економскиот мотор на Мајорка. Но секоја година имаме рекорден број луѓе што доаѓаат. Побарувачката не запира“, посочува тој.

Зголемениот број на посетителите го зголемува притисокот врз ресурсите, кои веќе се напрегнати од климатските промени: во некои делови на островот, во јули беа воведени ограничувања за користење вода.

Патиштата се закрчени со изнајмени автомобили, а јавниот превоз не може да се справи со зголемениот број туристи, вели Фустер. Мајорка, која има нешто помалку од милион жители, очекува оваа година да прими околу 20 милиони посетители. Но Фустер, чие семејство поседува продавница за накит на островот, истакнува дека повеќето обични жители на Мајорка не влечат корист од економските придобивки, додавајќи дека тој верува дека зголемениот број „ол инклузив“ одморалишта значи дека туристите трошат помалку во локалните продавници.

Мајорка не е единствениот сведок на протести против прекумерниот туризам: илјадници луѓе од цела јужна Шпанија излегоа на улиците на Малага на 29 јули, додека УНЕСКО неодамна предупреди дека овој бран протести може да се прошират низ Европа.

Фото: ЕПА

Барселона се најде во центарот на вниманието ова лето откако демонстрантите почнаа да ги прскаат туристите со водени пиштоли. На местата што привлекуваат зголемен број посетители по пандемијата, луѓето се прашуваат како да постигнат рамнотежа помеѓу пречекот на гостите – и работните места и приходите тие што ги носат – и зачувувањето на местото што го нарекуваат дом.

Алба, која веќе дваесет години живее во центарот на Барселона, забележала како сѐ поголемиот број посетители што доаѓаат во градот го менуваат неговиот карактер.

„Во моето маало порано имаше еден стар ковач, месар и многу мали дуќани што работеа со децении“, се сеќава таа. Но со текот на годините многу од овие места станале барови и ресторани што ги угостуваат туристите.

Барселона во јуни објави дека ќе забрани изнајмување станови на туристи до 2028 година, откако локалните жители протестираа. Алба смета дека ширењето на краткорочните изнајмувања во центарот на градот го нарушува животот на жителите.

„Пијаните туристи го блокираат влезот во нашата зграда, ни пушат в лице додека се обидуваме да излеземе, врескаат како луди до два часот по полноќ. Дури и внатре во нашата зграда, пијани туристи на Ер-би-ен-би по грешка се обидоа да ни ја отворат вратата ноќе“, вели таа.

До 2021 година ѝ дошло преку глава и се преселила во населба на периферијата на градот.

Во главниот град на Португалија, Лисабон, зголемениот број туристи вршат притисок врз пазарот на недвижности. Тереза, 29-годишна проект-менаџерка, раскажува како постојано мора да се пробива низ толпата туристи што им се восхитуваат на „азулехосите“ (традиционалните португалски плочки). По пандемијата, дигиталните номади исто така одиграа важна улога во нарушувањето на пазарот на недвижности во градот, додаде таа.

Оние што можат да работат од далечина се привлечени од бенефициите, меѓу кои и португалската дигитална номадска виза, која нуди едногодишен престој со доказ за минимален приход од 2.800 евра месечно. Оттогаш Португалија воведе мерки против краткорочните изнајмувања и ја ограничи својата програма за „златна виза“, која на странците им нуди можност да добијат државјанство со купување недвижен имот во вредност од најмалку 500.000 евра.

Тереза, која вели дека има среќа да изнајми подостапен стан користејќи го „деценискиот договор“ на свој роднина, се вратила во родниот град како работничка од далечина, откако живеела во Франција, и ја препознава иронијата.

„Луѓето се уште повеќе лути на дигиталните номади, мислам – со туризмот, барем може да се каже дека отвора работни места. Кириите може да се зголемат толку многу затоа што становите им се изнајмуваат на луѓе што немаат португалски плати“, објаснува таа.

Туризмот е многу важен, а ако исчезне, ќе бидеме посиромашни. Но ние сакаме да го зачуваме островот и да имаме подобар квалитет на живот и подобар пристап до станови“, вели Фустер, хотелски работник од Мајорка

Тереза, исто така, почувствувала дека, како што градот ги прифаќа дигиталните номади, делови од Лисабон стануваат хомогенизирани, во нив доминираат кафулиња каде што работниците од далечина се собираат со своите лаптопи, но каде што цените се такви што нивните производи мнозинството Португалци не можат да си ги дозволат.

Фиренца е толку заситена од туристи што Камила Торна, дизајнерка, рече дека едвај слуша италијански на улиците.

„Еден ден сите зборуваат француски, потоа сите зборуваат шпански, па сите руски. Тоа доаѓа во бранови“, вели таа, во зависност од тоа кој тур-оператор е во градот.

Како и Алба, така и Торна (61) истакнува дека многу продавници во нејзината населба што биле наменети за жителите се затворени.

„Пред неколку недели потрошив многу време барајќи хартија А4 за мојот печатач, бидејќи книжарниците што ги знаев се затворени. Порано туризмот имаше сезони – сега тоа се случува преку целата година. Звукот на Фиренца се куфери на калдрма“, вели таа, додавајќи дека неколку стана во нејзината зграда се претворени во станови за краткорочно изнајмување и дека туристите понекогаш оставаат ѓубре по скалите. Минатата година во центарот на Фиренца беа забранети краткорочните изнајмувања.

„Ни треба поголема рамнотежа меѓу жителите и посетителите“, смета таа.

Фустер ги гледа придобивките од доаѓањето на многу меѓународни посетители на Мајорка, но прашањето е во размерите, вели тој.

„Туризмот е многу важен, а ако исчезне, ќе бидеме посиромашни. Но ние сакаме да го зачуваме островот и да имаме подобар квалитет на живот и подобар пристап до домувањето. Диверзификацијата на економијата е очигледно решение, но во моментов тоа е навистина тешко“, заклучува тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ