вторник, 18 март 2025

Бугарските пасоши на Македонците – потенцијално го активираат Охридскиот договор и за Бугарите, ако влезат во Уставот

Бугарското МНР изрази експресна „разочараност“ од изјавата на македонскиот премиер Мицкоски  за нелогичноста на условот на ЕУ за евроинтеграциите на Македонија, за внесување на Бугарите во македонскиот Устав, додека таков услов не ѝ е поставен на Албанија, во која на последниот попис се пријавени повеќе Бугари, отколку на пописот во нашата земја.

Објавено на

часот

Сподели

Во реакцијата на официјална Софија со тон дека „Македонија сама си ги отежнува евроинтеграциите“, не е пропуштено да се спомене дека „дека огромен број граѓани на Македонија се стекнале со бугарско државјанство, признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет“, јасно ставајќи на знаење, дека нивните барања за внесување на Бугарите во македонскиот Устав не се ограничени само на правата на оние 3.504 македонски граѓани, кои на пописот во 2021 се изјасниле како Бугари. Како директно предупредување со „духовита“ закана, за последните „реплики“ на високо ниво во македонско-бугарските односи, стигна од Слави Трифонов, лидерот на бугарската партија „Има таков народ“, кој порача дека со таков став за уставните измени, Македонија „ќе ја види ЕУ преку криви макарони“.

Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето на нивната еднаквост се основни принципи на ЕУ. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи. Сакаме да го посочиме фактот дека огромен број граѓани на Република Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство, признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет. Ги повикуваме властите во Република Северна Македонија да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во ЕУ, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата. Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“, се наведува во соопштението  од бугарското МНР, како реакција на изјавата на премиерот Мицкоски во македонското Собрание дека „дека суштинското прашање е зошто во земјава, каде има околу 700-800 Бугари, кои декларираат дека мајчин јазик им е бугарскиот, треба да бидат ставени во Устав, додека Албанија со осум илјади Бугари, според бројките од пописот, го нема тој услов“.

Во изјавите на бугарското МНР, наспроти оние на премиерот Мицкоски забележлива е различната „перцепција“ на терминот „бугарско малцинство“, со чие внесување во македонскиот Устав, Бугарија го условува отворањето на поглавјата во преговорите на Македонија со ЕУ. Додека Мицкоски оперира со резултатите од пописот во Македонија, официјална Софија „смета“ на пасошите што им ги издала на македонските државјани, а за кои никогаш не ја кажа официјалната бројка, и за која секогаш остава простор за манипулација.

Реакцијата од Софија воопшто не изненадува. Напротив, тоа е резултат на нивните долготрајни и трајни политики. Инаку, ако не беа тие 120.000 бугарски пасоши (или ако во меѓувреме станале и повеќе), зошто Софија би уценувала и поставувала ултиматум, Бугарите да влезат во македонскиот Устав?

Треба да си наивен, па да мислиш дека тоа е некоја нивна, бугарска егзибиција. Се работи за строги и прецизни планови, преку тие 120.000 ‘Бугари’ во Македонија, кои заедно со фамилиите стигнуваат до 500.000, утре-задутре и за нив да се активира Охридскиот договор (или и нешто друго што ќе ни наметнат) и тој да важи и за нив. Што значи тоа, секој нека размислува сам! Со други зборови, тоа е процес на директна бугаризација на македонскиот народ и реализација на бугарските фантазмагории, небулози и историски синдроми, стари повеќе од 150 години“, цени поранешниот македонски амбасадор, Ристо Никовски.

Согледано во контекст на постојаното одложување на почетокот на преговорите за членство во Европската Унија, со додавање нови и нови апсурдни услови, надвор од Копенхашките критериуми, неприменети и непримерни во преговорите на ниту една земја-членка, ниту за актуелните кандидати, сосема е легитимно сомневањето дали ЕУ намерно ја држи Македонија во „чекалната“. Од одредени страни стигнуваат и цинични претпоставки, дека условувањето на евроинтеграциите на Македонија со билатерални прашања е можеби повеќе Македонци да земат бугарски пасоши.

Да не се лажеме – односот на Брисел спрема Македонија, апсолутно не е случаен. Напротив, во целиот тој однос на непринципиелно одложување на македонското евроинтегрирање се работи за американско сценарио за Македонија, кое филигрански се спроведува од распаѓањето на Југославија. Но и ние, Македонците имаме голем дел од вината за таквиот однос на ЕУ и меѓународната заедница спрема нас. Никогаш не реагиравме на политичкиот криминал кој се спроведува(ше) над нас“, смета амбасадорот Никовски.

                                                                                                                        Ј.П.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ