Некои држави од Европската Унија, како и поранешната членка Велика Британија, затоа се обидуваат да ги заострат своите закони и прописи, односно праксата за постапката на доделување азил да ја направат таква на луѓето да им се оневозможи влегување во земјата, односно тие да се заплашат.
Што прави Германија?
Во Германија, земјата која е главното одредиште на мигрантите, градовите и општините се жалат на преоптоварување поради недоволниот број капацитети за сместување и обврските околу интеграцијата. Околу четвртина од сите барања за доделување азил во ЕУ (220.000) се поднесуваат во Германија. Притоа Германија, поради својата географска положба, не е таканаречена земја на прво влегување и во согласност со тоа, а според законите на ЕУ, таа всушност за тоа и не би требало да биде надлежна.
Сојузните и покраинските влади затоа се договорија да ги заострат правилата за враќање во земјите на потекло и да воведат привремени притворски мерки за оние мигранти кои мораат да ја напуштат Германија. Проширувањето на граничните контроли, на пример кон Полска, за да се отежнат нерегуларните влегувања, германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер го одбива. Само на границата со Австрија, која е речиси на крајот на таканаречената балканска рута, веќе неколку години се вршат спорадични проверки.
Азилантски центри во Руанда?
Останатите земји кои спаѓаат во одредиштата за мигрантите, Франција, Австрија, Холандија и Британија, со различни мерки се обидуваат да ги заплашат. Британија, на пример, се заканува дека ќе ги премести процедурите за добивање азил во Руанда. Или дека ќе ги интернира мигрантите на бродовите.
Во Данска пропадна обид да се отвори азилантски центар во Руанда и таму да се преместат процедурите, но и тамошната влада во последните години ги заостри процедурите. Данска исто така веќе со години спроведува контроли на границата со Германија, а притоа во таа земја секој месец просечно по 180 луѓе бараат азил. Тоа е многу малку во однос на Австрија, каде минатата година се забележани меѓу 4.000 и 11.000 пријави месечно.
Како се штитат надворешните граници?
Од друга страна, земјите од ЕУ во кои мигрантите прво стигнуваат имаат сосема други интереси. Италија, Грција, Малта, Кипар, Хрватска, а од неодамна и Полска, настојуваат на мигрантите што е можно повеќе да им го отежнат влезот. Нивните надворешни граници се помалку или повеќе затворени и на мигрантите затоа им преостануваат опасните морски патишта или доаѓање со авион со вистински или фалсификувани визи. Тоа се нарекува „заштита на надворешните граници на ЕУ“ и за тоа редовно одлучуваат министрите за внатрешни работи на земјите на Унијата. Италија се обидува што е можно повеќе да им ја закомплицира на приватните спасувачки бродови можноста на нејзина територија да ги истовараат мигрантите. И тоа исто така би требало да има ефект на заплашување.
Грчките, хрватските и полските граничари, според Њујорк тајмс и организациите за човекови права, користат „пушбекови“. Тоа подразбира присилно враќање на мигрантите кои ќе ги затекнат на своја територија во земјата од која дошле – и тоа без соодветна процедура. Таа постапка, позната и како „рефаулмент“, всушност е забранета со европското и меѓународното право.
Зошто во Унгарија нема баратели на азил?
Унгарија, чија влада се изјасни дека воопшто не сака да дозволи каква било миграција, официјално практикува „пушбекови“. Мигрантите без документи кои ќе се затекнат каде било во таа земја, присилно се враќаат без каква било процедура. Унгарија притоа се повикува на Законот за вонредни ситуации од 2015, иако европските судови таа пракса ја прогласија за незаконска. Но, владата во Будимпешта ги игнорира нивните пресуди и воедно порачува дека таа политика ѝ е успешна: само 44 лица минатата година побарале азил во Унгарија. Причината е што пријавите за азил мора да се поднесуваат надвор од земјата, во унгарските амбасади.
Според податоците на Европскиот совет за бегалци (ЕЦРЕ), од Унгарија 150.000 луѓе се вратени во Србија, и тоа главно уште на самата граница утврдена со ограда. Од аспект на владата на Унгарија, тоа одвраќање има ефект. Будимпешта нема проблем со миграциите и затоа не гледа потреба да се придржува на реформираниот закон на ЕУ за азил кој за првпат би предвидувал дистрибуција на мигрантите или алтернативно, исплата на компензации.
Зошто Италија сака договор со Тунис?
Италија не може толку ефикасно да ги заштити своите брегови од „нерегуларни мигрантги“. Повеќето од 60.000 лица, кои во првите седум месеци оваа година стигнаа до таа земја, не стигнаа со спасувачки бродови на хуманитарните организации, туку се истоварија на италијанските пристаништа со шверцерски пловила. Непознат е вистинскиот број непријавени случаи, бидејќи многу пристигнувања воопшто не се евидентирани.
Италијанската влада поради тоа сака Тунис да ги спречи мигрантите да качат на бродовите – преговорите за договор меѓу двете земји се во тек. Бројот на луѓе кои сакаат од Тунис да стасаат до Италија оваа година десеткратно се зголемил. Сепак, повеќето од оние кои стигнуваат во Италија заминуваат понатаму на север. Само неколку илјади секој месец се одлучуваат на правото на азил во таа земја.
Инаку, рутата преку Либија, поради рестриктивниот пристап на либиската крајбрежна стража, станува сè помалку атрактивна. Европската Унија со Либија постигна договор за спречување на миграциите.
Укинување на правото на азил за заплашување?
Ефект на заплашување би можела да има и расправата која шефот на парламентарната група на германските опозициски Демохристијани (ЦДУ?ЦСУ) Торстен Фрај ја почна на крајот на јули. Фрај се залага за укинување на теоретски загарантираното индивидуално право на азил во ЕУ и предлага да се замени со „емиграциска квота“. Меѓу другото, Фрај укажува дека сегашниот систем е неправеден, бидејќи само богатите или млади и силни луѓе можат да ги надминат сите опасности на комплицираниот влез во ЕУ. Старите и болните, жените и децата, имаат мали шанси да поминат преку Сахара и да се качат на чамците.
Всушност, организациите во чиј фокус се бегалците исто така укажуваат дека политиката на ЕУ има цел што е можно повеќе да го отежни влезот, имајќи предвид дека барање за добивање азил може да се поднесе само на тлото на Европската Унија. Кој еднаш ќе стигне во Унијата, тој во повеќето случаи може да остане дури и ако неговото барање е одбиено.
Враќањето во земјите на потекло останува исклучок. Сириските и авганистанските бегалци кои успеале да стигнат во ЕУ, во повеќе од 90 отсто од случаите можат да сметаат дека ќе биде признато нивното право на пружање заштита. Во многу други земји на потекло, како Пакистан или Турција, ситуацијата е токму спротивна. Стапката на одбивање таму е над 75 отсто. Во повеќето случаи, меѓутоа, одбивањето не значи дека тие веднаш мораат да ја напуштат земјата во која се наоѓаат.