„За да се зборува за дислокација и обезбедување на нови простории за Бирото за развој на образованието потребно е да се знаат неговите надлежности како и специфичноста на работните задачи на советниците, потребата од соодветни канцеларии, сали за состаноци, работилници, семинари, магацини за педагошка документација како што се свидетелства, дипломи. Токму затоа, изненадуваат ‘пазарењата’ во јавноста, преку медиумите, не само на раководството на ФИНКИ, туку, сега и на ‘поддржувачи’ од државни институции, кои го нудат ‘својот’ имот за административците од Бирото. Затоа, повторно се обраќаме и порачуваме дека нема да прифатиме наддавања’ и избрзани решенија за дислокација на институцијата, без да се земат предвид спецификите поврзани со дејноста и потребите на институцијата, согласно бројот на вработени и согласно услугите што ги дава на повеќе од 23.000 наставници, без да се изработи архитектонски проект и да се обезбедат целосно уредување на соодветен простор и соодветни услови за работа“, реагираат од БРО.
Оттаму се изненадени зошто изминатите години ФИНКИ не бил „гласен“ и не притискал за завршување на објектот наменет за факултетот и прашуваат зошто факултетот и сега не бара друго трајно решение, друга локација, туку притиска за добивање „привремени објекти“, дотраени бараки на друга институција.
„Дали, до трајното решавање на ‘просторниот проблем’, навистина не може да се најде соодветно решение за студентите на ФИНКИ во рамки на ‘кампусот на техничките факултети’ со површина на земјиштето од 40.692 метри квадратни и во објектите на факултетите со површина од околу 26.000 метри квадратни во кои се образуваат 1.700 студенти од другите факултети, па неопходно е да се ‘дислоцира’ институција која има во ‘владеење’ само 1.000 метри квадратни“, реагираат од БРО.
Оттаму го прашаа ФИНКИ дали факултетот при акредитацијата навел дека има обезбедено и просторни услови за изведување на наставата што е услов за акредитација на студиска програма, дали податоците за просторот кои се наведени во барањето одговараат на бројот на запишани студенти и дали „вината“ е во Агенцијата за квалитет во високото образование што дозволила акредитација без соодветни услови или е кај ФИНКИ кои прикажал услови што, всушност, ги нема.
„Можеби прашањата ќе предизвикаат дополнителни реакции кај многу ‘засегнати’ страни, но сметаме дека добро е јавно да се поставуваат прашањата и да се даваат одговорите, инаку може многу често да ни се случуваат ‘трки’ и други ‘спортски дисциплини’ од страна на ‘влијателните’, ‘моќните’, на оние кои ‘во името на младите’, ‘решаваат проблеми’, непринципиелно и со притисоци, а младите ги оставаат ‘да трчаат за зграда’, ама чија?“, се наведува во реакцијата на Бирото за развој на образованието.