понеделник, 14 октомври 2024

Борел утрото во Киев го дочека во засолниште поради руски напад

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, кој престојува во дводневна посета на Украина, објави дека утрото го поминал во засолниште поради сирените за воздушна опасност што се огласиле низ Киев.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Го започнувам утрото во засолниште додека сирени се огласуваат низ цел Киев. Ова е секојдневната реалност на храбриот украински народ, откако Русија ја започна својата нелегална агресија“, напиша Борел на платформата Икс.

Русија во утринските часови изврши ракетен напад врз Киев и други украински градови, соопшти украинското воздухопловство, а во главниот град се слушнале неколку експлозии додека системите за противвоздушна одбрана биле ангажирани во одбивање на нападот.

Силни експлозии се слушнале во Киев непосредно пред 7:00 часот, изјавија очевидци за агенцијата Ројтерс.

Градоначалникот на Киев Виталиј Кличко на Телеграм објави дека се ангажирани системите за противвоздушна одбрана.

Тој додаде дека делови од главниот град на Украина денеска останале без струја, откако соборена руска ракета ги оштетила далноводите.

Во Киев и остатокот од земјата, воздушните предупредувања се во сила повеќе од два часа, според Ројтерс.

Олех Синехубов, гувернер на Харковската област, во североисточна Украина, рече дека руски проектили погодиле нестанбена инфраструктура во градот Харков, административен центар на регионот.

Претходно беше најавено дека Борел за време на посетата на Украина ќе оствари средби со претседателот Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал, министерот за надворешни работи Дмитри Кулеба и министерот за одбрана Рустем Умеров.

Како што соопшти вчера прес-службата на Европската унија, тој ќе се обрати и пред пратениците во Врховната Рада.

Високиот претставник и потпретседател Борел ќе ја посети Советодавната мисија на ЕУ за реформа на секторот за цивилна безбедност во Украина (ЕУАМ Украина).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ