среда, 4 декември 2024

Борел предлага прекин на дијалогот со Израел поради загриженоста за војната во Газа

Високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, ѝ предложи на Унијата да го прекине политичкиот дијалог со Израел, наведувајќи ги како причина можните прекршувања на човековите права во војната во Газа, според четворица дипломати и писмо во кое увид имал Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во писмото испратено до министрите за надворешни работи на ЕУ во средата, пред нивниот состанок во понеделник, Борел изрази „сериозна загриженост за можните прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и рече дека „Израел досега не одговорил доволно на овие грижи“.

Политичкиот дијалог е содржан во поширокиот договор за односите меѓу ЕУ и Израел, вклучувајќи сеопфатни трговски врски, кој стапи на сила во јуни 2000 година.

„Во светло на горенаведените размислувања, ќе предложам ЕУ да се повика на клаузулата за човековите права за да го прекине политичкиот дијалог со Израел“, напиша Борел.

За суспензија ќе биде потребно одобрение од сите 27 земји на ЕУ, што според дипломатите е малку веројатно. Повеќе земји се спротивставија кога високиот функционер на ЕУ ги информираше амбасадорите во Брисел за предлогот во средата, изјавија тројца дипломати кои сакаа да останат анонимни.

Предлогот на Борел има за цел да испрати силен сигнал на загриженост за однесувањето на Израел во војната, рече еден дипломат.

За тоа ќе се разговара на состанокот на министрите за надворешни работи, последен со кој ќе претседава пред истекот на неговиот петгодишен мандат.

Канцеларијата за човекови права на ОН минатата недела соопшти дека речиси 70 отсто од смртните случаи што ги потврдила во војната биле жени и деца и го осуди, како што рече, систематското кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право.

Израел соопшти дека категорично го отфрла извештајот. Израелската војска соопшти дека нејзината акција била „во согласност со принципите на дистинкција и пропорционалност, и ѝ претходи внимателна проценка на потенцијалот за цивилна штета“.

ЕУ се обидува да најде цврста обединета позиција за војната во Газа, која беше поттикната од нападите на палестинските милитанти Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Унијата го повика Хамас да ги ослободи сите израелски заложници и двете страни да го почитуваат меѓународното право.

Некои земји од ЕУ, како Чешка и Унгарија, силно го поддржуваат Израел, додека други, како Шпанија и Ирска, ја нагласуваат својата поддршка за Палестинците.

Еден од дипломатите рече дека меѓу амбасадорите постои „чудење“ поради „недостигот на процес и подготовка“ околу предлогот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ