Сојузот на борците изразува загриженост затоа што во општинскиот совет е формирана работна група за преименување на улици во Тетово.
„Цениме дека е потребно навремено, гласно и јасно да упатиме предупредување дека за Сојузот на борците и за граѓаните на Тетово не е прифатливо менување на ниту едно име на улица кое носи име на партизан или деец на антифашистичката коалиција која го победи фашизмот како и сите негови измеќари. Исто така целосно е неприфатливо и спротивно на уставниот поредок врз кој е подигната нашата држава дури и да се размислува за именување на улици, јавни површини и ствари од општа употреба со имиња на фашисти, нацисти и балисти бидејќи светската историографија јасно ја утврдила нивната улога во минатото“, пишува во писмото.
Боречката организација, меѓу другото, укажува дека мир, братство и разбирање се можни доколку не се остава простор за искривување на вистината и вредостите.
Инаку, пред неколку денови градоначалникот Биљал Касами го објави планот за промена на имињата на дури 300 улици, а Советот на Општина Тетово го изгласа предлогот за формирање комисија за промена на имињата на улиците. Касами рече дека има политички консензус за оваа комисија и додаде дека овојпат новите имиња ќе ги одобрат Министерството за транспорт и Катастар.
Касами рече дека на некои улици веќе им се дадени нови имиња и дека тоа комисијата ќе го има предвид, мислејќи притоа на улиците именувани според Владимир Илич-Ленин и Страшо Пинџур, како и дека некои улици го носат името на Јосип Броз Tито, 29 Ноември, Кирил Пејчинович, Благоја Тоска.
Инаку, помина и долго време откако од стариот градски плоштад беа тргнати бисти на херои и партизани и тие до ден денешен не се вратени. Процес на менување на улици кои чуваат спомен од НОБ има и во други општини, особено каде на власт се партии на Албанците и најчесто, се преименуваат во спомен на борци од УЧК, било тие да дејстввале на македонска или косовска територија.
П.Џ.