четврток, 12 септември 2024

Бора Чорба се бори за живот

Се бори за живот Борислав Бора Ѓоргевиќ, познат и како Бора Чорба, еден од најголемите рокери на поранешната ЈУ-сцена, текстописец и автор на незаборавните песни на легендарната група Рибља чорба, бенд кој опстои речиси до денес, а е основан кој крајот на седумдесетите години. Бора Ѓорѓевиќ е приклучен на респиратор во Клиничко-болничкиот центар во Љубљана поради тешко воспаление на белите дробови.

Фото: Ср.Википедија.орг

Објавено на

часот

Сподели

Лекарите велат дека состојбата е сериозна, во моментов стабилна, но за исходот се резервирани во прогнозите. Го посетува сопругата Дубравка Милатовиќ, жената поради која Бора Чорба од Белград се пресели во Словенија пред десетина години, стапувајќи во трет брак.

Фановите на Бора Чорба ширум поранешната Југославија, преку медиумите и социјалните мрежи испраќаат пораки: „Боро, издржи!“.

Негови соседи, за словенечки медиуми велат дека во последните два месеци ретко го гледале. Пред тоа, се поздравувале и муабетеле со него додека тој ги шетал своите две кучиња. За него имаат само најпофални зборови. Многу културен човек, секогаш расположен за разговор, многу го сакаме, велат тие.

Бора Чорба е писател, поет, рок музичар, впечатлива и влијателна јавна личност. Роден е во 1952 година во Чачак, Србија. Пред основањето на Рибља чорба во 1978 година, твори во групите Сунцокрет и Рани мраз, a имал бендови и како средношколец во Чачак, пред да се пресели со родителите во Белград.

Врвот на кариерата го постигна со Рибља чорба, речиси со самиот старт на бендот, со кој има одржано безброј концерти пред многуилјадна публика. Концерти има одржано и во западните земји. Во осумдесетите години светски рок-критичари Рибља чорба ја рангираат како бенд со светски квалитет, заедно со уште три бендови од тогашна Југославија – Септембер, Атомско склониште и Леб и сол.

Неговите стихови се критика на политиката, на општеството, на малограѓанштината, со духовит и остар јазик. Во текот на годините беше и српски националист, но со развојот на воените настани во поранешна Југославија стана и критичар на политиката на српскиот водач од тоа време, Слободан Милошевиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ