петок, 21 март 2025
По одлуката на Апелацискиот суд за Рекет

Боки 13 доби слобода од затвор, ама кој го доби милионот од Луи Витон торбата?

Торбата Луи Витон која беше заштитен знак и причина за покренување на постапка за случајот „Рекет“ ја нема или барем, ја нема јавно. За јавноста остана мистерија каде и во чии раце заврши оваа луксузна вредна „пратка“ со која бизнисменот Орце Камчев требало да добие слободата за случајот „Империја“. Бојан Јовановски набрзо ќе добие комплетна слобода од затвор откако поради здравствени причини му е намалена затворската казна за овој предмет од 9 на 5 години, но мистерија остана кој ја доби и каде заврши торбата Луи Витон од овој предмет.

Објавено на

часот

Сподели

Тој неодамна на прес-конференција пред Основниот кривичен суд Скопје рече дека поранешната шефица на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска и бизнисменот Орце Камчев знаат каде се парите.

Редакцијата на МКД.мк чека официјален одговор дали ОЈО ГОКК води предистрага или истрага и дали овие пари и торбата се предмет на некаква постапка пред правосудните органи.

Во случајот „Рекет“ парчиња прендирана облека, обувки, чанти, очила, сакоа, кошули, шешири, капути, јакни, фармерки… завршија во Агенцијата за управување со одземен имот. Боки 13 остана оштетен по овој предмет со одземени парчиња кои беа испишани на 23 страници. Во 71 вреќа сместени беа 1.208 различни парчиња. Сите се познати марки, и тоа Гучи, Долче и Габана, Луи Витон, Версаче, Кристијан Диор…

Овој предмет остана во оваа „богата“ заплена, но во неа не се и парите од Луи Витон торбата.

Јовановски во една од неговите изјави рече дека експремиерот Зоран Заев бил човекот кој што од позиција на моќ имал авторитет и комуницирал со сите лица кои биле кривично засегнати, а се споменувале во „Рекет“.

„Обвинителката Вилма Русковска презентираше само две-три пораки кои сум ги разменил јас со тогашниот премиер Зоран Заев, а токму од тие две-три пораки излегува дека Зоран Заев знаел за случајот ‘Рекет’, но во една позитивна афирмативна смисла, односно дека тој е човекот кој го бранел законот. А јас ќе ви кажам дека тој е сè, само не е човекот кој го бранел законот. Значи, Зоран Заев беше човекот кој комуницираше директно со сите лица кои беа кривично засегнати во постапките на Специјалното јавно обвинителство. Зоран Заев беше човекот кој во позиција на моќ имаше реален авторитет и можеше да влијае врз многу постапки и влијаеше врз многу постапки“, рече Јовановски во една од неговите изјави.

За Русковска која го водеше „Рекет“ клучни беа снимките на Камчев на кои се гледа како Зоран Милески – Кичевскиот изнесува торба „Луј Витон“ со пари, а зад него оди првообвинетиот Бојан Јовановски, поткрепено и со аудиоснимки од разговор меѓу Камчев и Боки 13 дека тој е максимално ангажиран преку Катица Јанева да му помогне да се спаси од истрагата за „Империја“, кај што е првоосомничен.

Овде му дава информации од истрагата, за кои се претпоставува дека се од второобвинетата, неговата пријателка, Јанева која тогаш е специјална обвинителка.

Никаде не се гледа, не постои видеоснимка или фотографија на која Милевски воопшто некогаш му ја дава таа торба на Јовановски.

Обвинителството за тоа дека од 1,5 милиони евра нашло докази само за 150.000 евра, од прв момент тврдеше дека за да се докаже криминално дело од сторител, не треба да се најдат сите пари, до последната како била земена и потрошена, доволни се само неколку докази за да се изгради и да се докаже теоријата на случај.

За овој предмет Боки 13 доби во 2020 година првично казна затвор од 9 години која со одлука на Апелацискиот суд Скопје му е намалена и сега е 5 години затвор. Јовановски со оваа одлука има само уште неколку месеци за издржување, по што ќе биде слободен. Во моментов тој е излезен од затвор, но со добиен прекин на издржување на затворската казна.

Во случајот „Рекет“ беше осудена и шефицата на поранешнпто Специјално јавно обвнителство (СЈО), Катица Јанева, на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување.

Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Јанева за таа да бара поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното СЈО.

Апелациониот суд во Скопје еднаш ја потврди пресудата за „Рекет“ и правосилно ги осуди Боки 13 на 9 години затвор, а поранешната специјална обвинителка Катица Јанева на 7.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ