Организатор на настанот е театарот „Карло Феличе“, а ќе се изведе „Реквием“ од Моцарт, под диригентската палка на Марко Гвидарини.
Освен Нацоски, во чест на жртвите ќе пеат и сопранот Софи Горделадзе, мецосопранот Џусепина Пјунти, басот Андреа Мастрони, заедно со хорот и оркестарот на театарот „Карло Феличе“.
„Со големо задоволство ја прифатив поканата од театарот „Карло Феличе“ од Џенова да настапам на овој концерт, посветен на настраданите од неодамнешната поплава во регионот Лигурија, чија престолнина е токму Џенова. Сликите на ТВ ме трогнаа многу, јас во тој период бев ангажиран токму од тој театар за продукција на операта „Волшебната флејта“, а чиста случајност е што немав претстави во деновите на поплавата и заминав за Бари, каде што имав друг ангажман. Во Џенова досега имам настапувано во четири оперски продукции, а Моцартовиот „Реквием“ ќе го изведам премиерно“, вели Нацоски во писмената изјава до медиумите.
Во првиот дел од програмата е предвиден и концерт за кларинет и за оркестар. Средствата ќе бидат наменети за помош на настраданите од поплавите што се случија во ноември минатата година во Италија.