среда, 4 декември 2024

Бивш генерал на Република Српска призна одговорност за геноцид во Сребреница

Поранешниот генерал на Војската на Република Српска (ВРС) Радислав Крстиќ, кој во Хаг беше осуден на 35 години затвор за поддршка и помагање на геноцид во Сребреница, призна одговорност и изјави дека жали за своето учество во него.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Крстиќ во писмото со кое бара од судот предвремено ослободување напишал дека тој самиот би гласал за Резолуцијата на Обединетите нации за Сребреница.

„Немам право на глас бидејќи во оваа Резолуција се споменува моето име затоа што направив незамисливо и непростливо кривично дело“, наведува Крстиќ во писмото до претседателот на судот.

Крстиќ напиша и дека, доколку има можност, би отишол во Поточаре да им „се поклони на жртвите на геноцидот“.

„Ако еден ден бидам ослободен и ако претседателката на Механизмот се согласи со тоа и ако тоа го дозволат семејствата на жртвите, би сакал уште еднаш во животот да се најдам во Поточари, да се поклонам пред сенките на жртвите и да побарам прошка“, напиша Крстиќ.

Во писмото, Крстиќ наведува дека ги прифаќа пресудите на Трибуналот од 2001 и 2004 година, во кои е утврдено дека силите на армијата на која ѝ припаѓал извршиле геноцид врз бошњачките цивили во јули 1995 година и дека тој „помагал и поддржувал геноцид“.

Тој го потврди делот од пресудата дека знаел дека „некои членови на Главниот штаб имаат намера да извршат геноцид“, но дека овој штаб „немал доволно сила да ги изврши стрелањата“ без „да го искористи Дринскиот корпус“, со кој во тоа време командувал Крстиќ.

„Знаев дека употребата на силите под моја команда значително ќе придонесе за егзекуција на бошњачките затвореници“, наведува Крстиќ во писмото.

Тој, исто така, потврди дека помагал и поттикнал злосторство против човештвото со учеството во здружениот злосторнички потфат за насилно отстранување на бошњачките цивили од Поточари, од 10 до 13 јули 1995 година.

„Учествував во создавањето хуманитарна криза што му претходеше на принудното преселување жени, деца и стари лица од Сребреница, во кое учествував и јас, знаејќи дека цивилите во Поточари беа изложени на убиства, силувања, тепања и малтретирања“, напиша Крстиќ.

Крстиќ вели и дека со писмото ѝ се обраќа на јавноста во поранешна Југославија.

„Барам ова мое писмо да биде јавно објавено, моите зборови да ги слушнат што повеќе луѓе во земјата од која потекнувам, можеби моите зборови ќе поттикнат барем некого да размисли за страшното злосторство во кое учествував, за казната што следеше, за длабокото, болно, но задоцнето жалење со кое живеам со децении“, напиша Крстиќ.

„Би сакал моите зборови да бидат прочитани и разбрани од младите луѓе што денес живеат во областите каде што некогаш постоеше земјата наречена Југославија (…), да застанат и да помислат – никогаш повеќе. Никогаш повеќе војна, никогаш повеќе смрт затоа што некој е од друга религија, нација или со друго верување, никогаш повеќе геноцид“, напиша Крстиќ.

Крстиќ моментално се наоѓа во притворското одделение на судот во Хаг, а претходно отслужуваше казна затвор од 35 години во Полска и Велика Британија.

Конечната пресуда против Крстиќ е првата со која Хашкиот трибунал утврдува дека ВРС извршила геноцид во Сребреница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ