сабота, 23 ноември 2024
редовенЗапочна состанокот на регулаторите од Енергетска заедница

Бислимоски: Струја треба да се купува кога е евтина, а јагленот да се чува за на зима

Објавено на

часот

Сподели

Toj како претседател на Бордот на регулатори од вчера учествува на дводневниот редовен состанок во Атина на регулаторите од Енергетска заедница, а во разговор со дописничката на МИА од Атина, објаснува во кој случај би можеле да говориме за воведување на евтина тарифа, но и открива дека за само три месеци во Македонија се издадени 170 лиценци за нови фотоволтаични електрани, наспроти 267 во текот на целата ланска година.

За цената на електричната енергија на берзата, посочува дека повеќе не е највисока во текот на денот, туку е далеку пониска отколку во периодот во 19 или 20 часот, а по полноќ е уште пониска и затоа постојат драстични промени на берзанските цени и „ја имаме т.н. крива на гуска, којашто е карактеристична за земји каде што има изразено производство од фотоволтаици“.

„Имавме денови каде што цената на електричната енергија во текот на денот беше 1,68 евра за мегават час, имало денови кога било пет или шест евра. Во вообичаен ден е некаде околу 60 евра за мегават час и токму од тие причини кога зборуваме за можноста за воведување на евтина тарифа го гледаме тоа да испратиме сигнал и до ЕСМ и до ЕВН хоум, доколку има потреба, да купуваат електрична енергија токму во периодите кога е драстично пониска, со цел да си ја чуваме водата во нашите хидроелектрани дека подготовките за новата грејна сезона мора да започнат веднаш по завршувањето на оваа“, објаснува Бислимоски и додава дека како ќе доаѓа летото вообичаено ќе биде во текот на денот цените да бидат од 20 до 30 евра за мегават час и „апсолутно тоа мора да го искористиме, да не чекаме, да бидеме пред времето, за да немаме потреба од промени на цени за електрична енергија“.

Претседателот на Регулаторната комисија вели дека ја разгледуваат можноста да се воведе евтина тарифа, но доколку сите го применат овој концепт за купување електрична енергија кога е најевтина. 

Од друга страна, во однос на тоа дали би можело да има поскапување на струјата објаснува дека тој лично не е приврзаник сега, во овие услови, да има зголемување на цената на електричната енергија, бидејќи постојат „доста отворени можности, кои мора да ги искористиме“.

Бислимоски истакнува дека иако имаше најави за тешка зима, сепак зголеменото домашно производство на електрична енергија, тренд што продолжува и во 2023 година, како и благата зима, помогнаа за избегнување на било какви проблеми.

„Во последниве шест седум месеци успешно се справивме со кризата, немаше зголемување на цената на електричната енергија на регулираниот пазар, напротив цената за малите потрошувачи од 1 јануари оваа година е намалена за 20 проценти. Немаше никакви рестрикции, никакви испади. Тоа се должи на зголеменото домашно производство на електрична енергија, но исто така имавме и блага зима и тоа секако ни помогна на сите. Тој тренд на зголемување на домашното производство е поизразен и во првите три месеци од годината за вкупните потреби на електрична енергија околу 88,5 проценти ги обезбедуваме од домашно производство, а увозот за целокупни потреби на електрична енергија, не само за регулиран пазар е 11,5 проценти и такви бројки мислам дека немало во последниве 20 години“, објаснува Бислимоски. 

Тој додава дека доколку ги активираме домашните производни капацитети, на тој начин најмногу можеме сами да си помогнеме и нема друга опција, а паралелно истакнува дека ќе продолжат и инвестициите во нови фотоволтаични електрани.

„Заклучно со денес имаме издадено 170 лиценци за 2023 година. Значи за три месеци и десет дена се издадени 170 лиценци. Минатата година конкретно, за цела година издадовме 267 лиценци. Значи оваа година ќе биде рекордна во Македонија во однос на новоизградени производни капацитети за електрична енергија“, открива претседателот на Регулаторната комисија.

Состанокот во Атина на бордот на регулатори од Енергетска заедница со кој заседава Бислимоски, започна вчера, продолжува и денеска и како што посочува претседателот на РКЕ, главната тема е справувањето со енергетската криза како и размената на искуства.

Од овие искуства, регулаторите ќе донесат заклучоци, а на крај ќе се изготви студија, која „ќе ни биде водич за понатаму како ќе се справуваме со енергетската криза која очигледно ќе продолжи понатаму“.

„Она што е веќе заедничко од овие состаноци е дека во зависност од тоа дали една земја е увозник на електрична енергија и природен гас или извезува електрична енергија, како што е на пример Босна и Херцеговина и мерките кои ги преземале земјите се разликуваат, но еден заеднички показател има дека во сите земји има сериозно зголемување на цената на електричната енергија, уште поголемо зголемување на цената на природниот гас и тоа се трендови кои што се случуваа во 2021 и 2022 година. На почетокот на 2023 година имаме порелаксирана ситуација од аспект на намалување на цените и на електричната енергија и на природниот гас и да се надеваме дека тие трендови ќе продолжат со цел да имаме далеку постабилна ситуација“, вели Бислимоски.

Во декември 2019 година, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), едногласно беше избран за претседател на Бордот на регулатори на Енергетската заедница на тогашниот редовен состанок, а во ноември 2021 година доби втор, двегодишен мандат.

Состаноците на енергетската заедница традиционално се одржуваат во Атина, а освен Македонија, членки се и Србија, Косово, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Молдавија, Грузија, Украина и Албанија.

Претходниот состанок во Атина се одржа на крајот од декември минатата година.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ