понеделник, 14 октомври 2024

Би-би-си: Путин повлекува нова црвена линија за ракетите со долг дострел

Насловот во весникот Комерсант утринава ја долови драмата. „Владимир Путин ја повлекува својата црвена линија“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Дали Западот ќе ја премине? И, ако го направи тоа, како Русија ќе одговори?

Говорејќи во Санкт Петербург, претседателот Путин испрати јасно предупредување до Западот: не дозволувајте Украина да ги користи вашите ракети со долг дострел за да ја напаѓа руската територија.

Москва, рече тој, ќе го смета тоа како „директно учество“ на земјите од НАТО во војната во Украина.

„Тоа суштински би ја променило самата срж, природата на конфликтот“, продолжи лидерот на Кремљ.

„Ова ќе значи дека земјите на НАТО, САД и европските држави војуваат со Русија“.

Тој тврди дека за да лансира проектили во Русија, на Украина би ѝ требале податоци од западните сателити и дека само војниците од земјите-членки на НАТО ќе можат да „внесат мисии во овие ракетни системи“.

Русија и претходно повлекуваше црвени линии. И гледаше како се преминуваат, вели Би-би-си.

На 24 февруари 2022 година, кога го објави почетокот на својата „специјална воена операција“ – целосната инвазија на Украина – претседателот Путин издаде предупредување до „оние што можат да паднат во искушение да се вмешаат однадвор“.

„Без разлика кој се обидува да ни застане на патот или да создаде закани за нашата земја и нашиот народ, мора да знае дека Русија веднаш ќе одговори“, изјави лидерот на Кремљ.

„А последиците ќе бидат такви какви што никогаш не сте виделе во целата своја историја“.

Западните лидери го игнорираа она што во тоа време беше масовно протолкувано како ѕвечкање со нуклеарно оружје. Оттогаш Западот ѝ даде на Украина тенкови, напредни ракетни системи и, неодамна, американски борбени авиони Ф-16.

Оваа година Русија веќе ја обвини Украина дека користи американски ракети со долг дострел АТАКМС за да го напаѓа Крим, украинскиот полуостров припоен од Русија.

Уште повеќе, во последните две години, руските официјални лица и тукашните државни медиуми во многу наврати го обвинуваа Западот дека „се бори против Русија“ или дека покренува „војна“ против Русија, вели дописникот на Би-би-си од Москва. Иако Русија е таа што ја нападна Украина.

Но од тонот на последните забелешки на претседателот Путин, јасно е дека тој смета дека таргетирањето на меѓународно признаената руска територија со западни ракетни системи ќе го крене конфликтот на ново ниво.

Она што тој не го разјасни вчера е како Москва ќе одговори.

„Ќе донесеме соодветни одлуки врз основа на заканите кон нас што ќе бидат создадени“, рече Владимир Путин.

Во петокот, Русија ја повлече акредитацијата на шест британски дипломати, обвинувајќи ги за „субверзивни активности“ и загрозување на безбедноста на Русија.

Но потенцијалниот одговор на Путин е многу поширок. Тој даде неколку знаци уште во јуни.

На состанокот со шефовите на меѓународните новински агенции, тој беше запрашан: како ќе реагира Русија ако на Украина ѝ се даде можност да гаѓа цели на руска територија со оружје снабдено од Европа?

„Прво, ние, се разбира, ќе ги подобриме нашите системи за воздушна одбрана. Ќе ги уништиме нивните ракети“, одговори претседателот Путин.

„Второ, ние веруваме дека ако некој мисли дека е можно да испорача такво оружје во воена зона за да се напаѓа нашата територија и да ни создава проблеми, зошто ние не би можеле да испраќаме наше оружје од иста класа во оние региони низ светот каде што ќе се напаѓаат чувствителни објекти на земјите што ѝ го прават тоа на Русија?“

Со други зборови, вооружување на западните противници за напаѓање западни цели во странство е нешто за што Москва размислува.

Претходно овој месец, заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков, соопшти дека Русија е спремна да ја ревидира својата нуклеарна доктрина: документот што прикажува под кои околности Москва може да размисли за употреба на нуклеарно оружје.

Тој посочи дека одлуката за ревидирање на доктрината е „поврзана со ескалацискиот курс на западните противници (на Русија)“.

Во меѓувреме, сер Кир Стармер е во Вашингтон на разговори со претседателот Бајден. Меѓу прашањата за кои се очекува двајцата лидери да разговараат е прашањето за Украина и ракетите со долг дострел.

„Русија го почна овој конфликт. Русија незаконски ја нападна Украина“, рече сер Кир на пат кон Вашингтон. „Русија може веднаш да го прекине овој конфликт“.

Западните лидери ќе треба да одлучат за што сметаат дека е поголемо: ризикот од ескалација на овој конфликт или потребата да се укинат ограничувањата за употребата на западните ракети од Украина, вели Би-би-си.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ