Во книгата на проф. д-р Илија Велев покрај студијата за еден од најпознатите ракописи на Презвитер Козма, содржани се и две верзии на ракописот – на црковнословенски и на современ македонски јазик, но делумно и во факсимилна форма.
Објавувањето на двете верзии на двата дела од текстот на полемичката Беседа на Презвитер Козма ѝ овозможува на пошироката читателска и научна јавност во Македонија да се запознае со неговата содржина, која како антибогомилска ги разоткрива изворните учења и идејни тенденции на богомилите. Овој духовен и културен феномен од македонската традиција досега е малку познат, при што објавувањето факсимилно на ракописен препис, расчитан старословенски текст и превод на современ македонски јазик, само ја проширува претставата за богатото македонско културно-историско и ракописно наследство.
Ова средновековно дело му припаѓа на Охридскиот духовен и книжевен центар.