сабота, 9 ноември 2024
20 години постоење на Обединетата македонска дијаспора

Белио: ОМД продолжува да ги проверува владите за да се осигура дека Македонците се прецизно идентификувани

Денеска е ден на гордост за сите Македонци и пријатели на Македонија. На овој ден во 2004 година, неколку македонски Американци отидоа во Стејт Дипартментот на Соединети Американски Држави (САД) за да изразат загриженост за археолошките загрозувања при градење на американската амбасада во Скопје на тврдината Кале. На тој состанок, со претставници на администрацијата на претседателот Џорџ Буш беше отворена и темта за признавање на Македонија под нејзиното уставно име Република Македонија наместо привремената референца Поранешна Југословенска Република Македонија, пишува во пораката од Арџи Н. Белио, претседавач на Бордот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) по повод 20 години од постоењето на оваа организација.

Објавено на

часот

Сподели

„Овој состанок е она што ги инспираше оние неколкумина Македонци да ја создадат организацијата Обединета Македонска Дијаспора (ОМД), почнувајќи со петиција која собра повеќе од 125.000 потписи од Македонци и пријатели на Македонија на глобално ниво. Повикот беше едноставен и прецизен глобално признавање на Македонија и зачувување на човековите права и верските слободи на Македонците насекаде низ светот“, пишува бело во својата порака испратена денеска до јавноста.

Тој потестува дека по само една недела, на четврти ноември, администрацијата на тогашниот американски претседател Џорџ Буш „го избра патот на правдата и самоопределувањето, признавајќи ја Македонија под своето уставно име“.

„За ова ние сме бескрајно благодарни на сите македонски Американци кои работеа во администрацијата на Буш и безброј македонско-американски бизнис и општествени лидери, организации и активисти низ целите Соединети Американски Држави. Во годините кои следуваа, други македонски организации, македонски бизнис заедници кои се во сопственост на Македонци и различни општествени лидери и активисти и се придружија на ОМД во макотрпната работа за признавање на Македонија под уставното име од страна на Канада, Унгарија и Индија. До 2018 година, 140 држави ја признаа Македонија под уставното име“, потсетува Белио.

Зборувајќи за поблиското минато, Белио во пораката се навраќа на 2018 година, кога „под притисок на Република Грција, владата на Зоран Заев го уништи овој тешко постигнат напредок со потпишување на неуставниот договор од Преспа“.

„И покрај неуспешниот референдум и општото противење, името беше сменето во ‘Северна Македонија’ и како резултат на тоа, Македонците честопати беа погрешно етикетирани како ‘северномакедонци’. ОМД се бори против ова погрешно претставување со собирање на Македонците на глобално ниво. Преку нашето глобално движење ‘Ние сме Македонија’, составено од бројни светски македонски организации, изнесовме стотици илјади Македонци на улиците, од Скопје до Сиднеј. Денес, ОМД продолжува да ги проверува владите и медиумите ширум светот, за да се осигура дека Македонците се прецизно и точно идентификувани“, наведува во пораката Белио.

Анализарјќи ги дваесетте години постоење на ОМД, Белио вели дека оваа организација е кредибилна и доверлива која работи со ограничен буџет за да ги унапреди интересите на Македонците на глобално ниво, но сепак има важни достигнувања од 2004 година до денес. При тоа, Белио ги нагласува донациите на ОМД од повеќе милиони долари за изградба на медицински клиники до снабдување со противпожарна опрема и поддршка на децата со попреченост. ОМД партиципирала и во едукативни и културни активности, вклучувајќи ги Битов стипендиите за студенти со македонското потекло ширум светот, помош за студентите за учество во програмата на ОМД, Брјтрајт Македонија како и учество на студенти на лидерски конференции и програми за менторство на генерацијата М. ОМД не ги заборавила ниту практикантите кои партиципирале во канцеларијата на ОМД во Вашингтон и Конгресната програма за практикантска работа.

„Од своите почетоци во Вашингтон, ОМД сега има регистрирани ентитети во Австралија, Канада, Македонија, Шведска и САД, и посветени претставници кои им служат на македонските заедници насекаде низ светот. Нашата работа е далеку од завршена. Додека гледаме кон иднината, потребна ни е непрекината поддршка од страна на нашата татковина за да продолжиме со застапување на правата на Македонците на глобално ниво, со поддржување на културни иницијативи за зачувување на нашето македонско наследство и со помагање на членовите на заедницата кои се соочуваат со предизвици. За уште 20 години застапување и единство!“, напиша Арџи Н. Белио, претседавач на Бордот на Обединетата македонска дијаспора (ОМД) по повод 20 години од постоењето на оваа организација.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ