четврток, 16 јануари 2025

Бајден го критикуваше Трамп поради средбата со Орбан

Американскиот претседател Џозеф Бајден синоќа го критикуваше својот републикански ривал Доналд Трамп поради неговата средба со Виктор Орбан, велејќи дека унгарскиот премиер сака да воспостави „диктатура“.

Епа

Објавено на

часот

Сподели

Орбан во петокот се сретна со својот „добар пријател“ Трамп во американската сојузна држава Флорида.

Унгарскиот премиер е еден од ретките лидери во Европа кои му посакаа победа на републиканскиот кандидат на претстојните претседателски избори во ноември, каде што ќе се натпреварува со демократот Бајден.

Бајден на синоќешниот предизборен митинг на своите приврзаници им кажа дека неговиот противкандидат Трамп „се сретнал со Орбан од Унгарија, кој отворено кажа дека не мисли дека демократијата функционира и дека бара диктатура“.

„Гледам иднина во која ќе ја браниме демократијата, а не да ја правиме послаба“, рече Бајден, кој демократијата ја смета за еден од неговите аргументи во кампањата против Трамп.

Орбан синоќа на Фејсбук објави своја фотографија покрај поранешниот претседател со слоганот на Трамп „Направи ја Америка повторно голема“.

„Посетата беше фокусирана на градење на односите меѓу американските и унгарските конзервативци и на придобивките што би можеле да произлезат од изборот на Трамп во ноември“, соопшти придружбата на Орбан.

Бајден уште еднаш ги осуди изјавите на поранешниот американски претседател, кој, според него, го охрабрува рускиот претседател Владимир Путин да ги нападне земјите на НАТО.

Унгарија е единствената членка на Европската Унија која одржува блиски врски со Кремљ и покрај руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Орбан одбива да испрати каква било воена поддршка за Украина и редовно повикува на прекин на огнот, убеден дека Киев не може да победи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ