Канцеларот Карл Нехамер брзо реагираше на уривањето на Асад во неделата, истакнувајќи дека безбедносната ситуација во Сирија мора повторно да се разгледа за да се овозможи враќање на сириските бегалци.
„Австрија ќе ги поддржи Сиријците кои сакаат да се вратат во татковината со повратен бонус од 1.000 евра. На таа земја сега ѝ требаат нејзините граѓани за да ја обноват“, порача Нехамер на социјалната мрежа Икс.
Враќање на луѓето против нивна волја не е можно сè додека не стане јасно во која насока ќе тргне Сирија. Засега австриската влада, како што објави, ќе се фокусира на доброволните враќања. Во меѓувреме престана да ги процесира барањата за азил, како и десетина други земји од Европската Унија.
Како и другите конзервативни влади во ЕУ, Нехамер е под притисок на тврдата десница околу емиграцијата. Сиријците се најбројните баратели на азил во Австрија.
Колку Сиријци ќе ја прифатат понудата останува да се види. Бидејќи националниот авиопревозник Аустриан ерлајнс ги прекина летовите за Блискиот Исток поради безбедносната ситуација, австрискиот бонус веројатно не го покрива целосно патувањето.
Билет во еден правец за економска клас до Бејрут, вообичаената дестинација по која по копно продолжуваат за Дамаск, во моментов чини најмалку 1.066 евра со Туркиш ерлајнс, според сајтот на компанијата.