Незапамтените нереди во 2007 година, кои го шокираа светот, повторно ја загрижуваат полицијата во Мелбурн. Пред пет години, околу 200 навивачи, доселеници по крвавите 90-ти, жестоко се испотепаа и првпат покажаа дека немири може да има и во аристократскиот спорт.
Питер О’Нил, шеф на полицијата во Мелбурн, им порача на балканските хулигани дека безмилосно ќе реагираат и на најмал испад и дека ќе ги искористат сите потенцијални средства за да спречат очекувани пресметки помеѓу Србите и Хрватите. Полицијата објави дека веќе ги лоцирала и ги идентификувала поединците и групите што се потенцијална закана.
Австралија опен е еден од најголемите спортски празници и за Австралијците е несфатливо како некој може да се тепа на тениски терени.
„Не сакаме на Австралија опен никакво насилство, ниту агресивност, затоа што тоа е не само голем настан за нашата земја, туку и турнир што луѓето семејно го посетуваат“, вели О’Нил.
Полицијата подготвила упатства за Балканците за да дејствува превентивно.