„Ние стоиме со Украина во нејзината борба против илегалната инвазија на Русија“, рече австралискиот министер за одбрана Пат Конрој.
Опремени со топ од 120 мм, овие тенкови од 60 тони се изградени помеѓу 1985 и 1993 година и биле реновирани пред да бидат купени од Канбера во средината на 2000-тите.
За пренос на застарените абрамс во „трета земја“ од страна на Австралија беше потребна дозвола од Соединетите Држави според регулативите за меѓународната трговија со оружје (ИТАР).
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави оваа иницијатива на мрежата Икс и изрази „благодарност“ до Австралија.
Украина ја доби првата серија употребени тенкови М1А1 абрамс во септември 2023 година, испорачани од Соединетите Држави. Дел од австралиската флота е наменет и за складирање на резервни делови, се наведува.
На почетокот на годината Канбера објави дека нема да одговори на барањето на Киев за испорака на старите хеликоптери МРХ90 Таипан, тврдејќи дека тие повеќе не се функционални.
Најновиот австралиски пакет е вреден 245 милиони австралиски долари. Со ова вкупната австралиска воена помош за Украина од руската инвазија во 2022 година изнесува 1,3 милијарди австралиски долари, а вкупната австралиска поддршка 1,5 милијарди австралиски долари.