„Приватната компанија поставила фотоволтаици над археолошкото наоѓалиште Градиште во Кавадарци, а за тоа добила зелено светло од Управата за заштита на културното наследство! Станува збор за поставување на панели, како и копање на довод на површина на опфат од фрапантни 0,9 хектари заштитена зона оттуѓено од Република Македонија со потпис на Бојан Маричиќ. Инвеститор е фирмата ЕМС, дел од конзорциумот Фероинвест, во сопственост на поранешниот вицепремиер на СДС, Кочо Анѓушев, управувана од Тодор Анѓушев“, велат од Левица.
Оттаму наведуваат дека Општина Кавадарци во август 2023 добила барање од фирмата и тоа уште пред да го откупи земјиштето за урбанистички проект вон опфат на урбанистички план за изградба на кабелски подземен вод.
„По стручно мислење на лице од Националниот конзерваторски центар и по мислење од Управата за заштита на културното наследство дека нема културно наследство на парцелите кои инвеститорот ги бара, Советот на Општина Кавадарци, ја изменува Програмата за изработка на урбанистички планови и ја објавува одлуката на 30 август 2023 година, три месеци пред земјиштето да биде отуѓено! Одлуката е донесена со еден глас против од советникот од редовите на Левица, Круме Богевски, и 18 гласа за од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и „’независните советници’“, наведуваат од Левица.
Тие ја повикаа новоназначената в.д директорка на Управата, Весела Честоева, која до пред два месеци била директорка токму во Кавадарци, итно и неодложно да излезе во инспекција на фактичката состојба, а потоа Управата да покрене кривична одговорност против Маричиќ, кој го продал археолошкото наоѓалиште, против претходниот директор на Управата, Аријан Асланај, и стручното лице од Конзерваторскиот центар, кое го издало мислењето!.