Во текот на викендот почнувајќи од петокот, заедно со сабота и недела имало вкупно 95 пожари на отворен простор, а во текот на септември биле регистрирани вкупно 778 пожари на отворен простор од кои 43 се гаснети со воздухоплови.
„Апелирам до сите земјоделци да не ги палат стрништата а сточарите пасиштата. Сериозни врнежи нема подолго време, вегетацијата е исклучително сува, дневните температури се сеуште високи, пожарникарите и пилотите се исцрпени и на крај на силите. Апелирам до сите градоначалници да ги следат законски пропишаните процедури и да бараат воздушна подршка тогаш кога се исцрпени сите останати можности. Пожари не се гаснат од воздух со ер трактори и хеликоптери без подршка на пожарникари од земја. Невозможно е да се изгасне пожар додека врз него не згазне пожарникарска чизма“, вели Ангелов.
Според податоците на ЦУК, во моментов има 6 активни пожари од кои три се поголеми и според проценките поопасни.
„До вечер ќе станат многу повеќе. Напоменувам дека и најмалиот пожар за миг може да прерасне во голем пожар кој ги загрозува човечките животи, здравје и имот“, предупредува Ангелов.