Смит на онлајн конференција за новинарите пред вчерашниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата изјави дека веќе со години на Западниот Балкан е „видливо класично руско дејствување“ во кое се користат низа хибридни тактики за да се поделат општествата одвнатре, да се смени погледот на Европа на тој регион и за да се „одвојат САД од европските сојузници и пријатели“ од регионот.
„Повторно гледаме користење сајбер напади, злонамерни сајбер напади, принуди, цела низа алатки кои Русите ги користат за да го дестабилизираат регионот на што Алијансата се обидува да се спротивстави, да го стабилизира регионот“, наведе Смит.
Смит додаде дека НАТО на Западен Балкан функционира на повеќе колосеци и дека во регионот е „на будно внимание и останува фокусиран“.
„Работиме со членките на НАТО кои се во соседството, а ги има доста, а потоа работиме со Босна, кандидат за членство во НАТО, бараме начини да им помогнеме да ја модернизираат својата војска, на пример. А потоа работиме и со други партнери во регионот преку постоечкото партнерство со Србија, на пример“, кажа таа.
Американската амбасадорка истакна дека внимателно ги следат сите руски дејствувања во регионот и дека се трудат да го прават спротивното и да го стабилизираат Западниот Балкан.