Притоа, се посочува понатаму во соопштението, Амбасадата на Република Србија во Скопје изразува длабока загриженост во врска со вчерашното сквернавење на државните симболи на Република Србија и загрозување на безбедноста на просториите на Конзулатот на Република Србија во Куманово, особено имајќи го предвид фактот дека просториите на дипломатско-конзуларните претставништва и резиденцијални објекти наменети за членовите на дипломатскиот персонал на Република Србија, не е првпат да бидат предмет на вандалски напади на територијата на Македонија.
„ Во овој поглед, Амбасадата нагласува дека е целосно посветена на соработка со надлежните органи на Македонија, со цел што поскоро откривање и процесуирање на сторителот на насилниот чин, чиј идентитет може недвосмислено да се утврди врз основа на достапните снимки од безбедносни камери. Амбасадата на Република Србија останува посветена на негување пријателски односи со Македонија и изразува уверување дека надлежните органи на земјата домаќин, во духот на развиените билатерални односи и добрососедството, ќе направат сè за да се реши овој случај на адекватен начин“, се наведува во соопштението од српската амбасада кон кое е прикачена и видеоснимка од инцидентот.