Полска би можела да бара репарации од Русија, но само ако претходно ја убеди Германија да им исплати 1,3 билиони евра за штетата направена за време на нацистичката окупација. Официјален Берлин одбива да разговара за тоа прашање тврдејќи дека одамна е затворено.
„Ние Берлин и Москва ги третираме на поинаков цивилизациски начин. Кога ќе дојде до успех со Германија, следниот чекор би можел да биде отворање на таква дискусија со другиот угнетувач“, кажа полскиот државен секретар Марчин Пшидач за Фајненшал тајмс.
Барањето за репарации стана клучен аспект на полската надворешна политика под владејачката десничарска партија Право и правда.
Берлин претходно соопшти дека ја прифаќа моралната одговорност за нацистичките злосторства и дека продолжува директно да им исплаќа отштети на преживеаните на холокаустот во Полска. Сепак, смета дека другите финансиски барања се решени уште во педесеттите години од минатиот век.
Варшава минатиот октомври испрати официјално барање до Берлин за репарација. Полскиот претседател Анджеј Дуда кажа тогаш дека не гледа причина зошто неговата земја истото не би го направила со Русија.
Брисел, во меѓувреме, ја обвини Полска за лизгање кон авторитаризам под нејзиното актуелно раководство и дополнително ја разгневи Варшава со ускратување финансиски средства за опоравување од економските последици на пандемијата.
Јана Пуглиерин, шефица на берлинската канцеларија на Европскиот совет за надворешни односи, кажа дека во контекст на довербата, германско-полските односи се на најниско ниво од 1989 година и падот на Берлинскиот ѕид.
Фајненшал тајмс потсетува дека, и покрај сите политички тензии, Германија распореди противвоздушни системи со долг дострел во Полска среде војната во Украина.
Варшава го обвини Берлин дека не прави доволно за да го поддржи Киев и претходно ја обвинуваше Германија за купувањето евтин руски гас.
Геополитичките експерти, меѓутоа, сметаат дека економската поврзаност би можела да го ублажи политичкиот судир на Варшава и Берлин.