На новинарско прашање доколку му се утврди вина, дали ќе биде отстранет од партијата, Ахмети рече дека Груби е совесен и одговорен и дека нема потреба партијата да го отстрани, туку дека тој сам ќе се повлече од сите партиски функции.
„Груби е член на ДУИ, личност која четири години ја водеше Владата. Секој член на ДУИ има обврска, без разлика на која функција се наоѓа, на повисоките или пониските нивоа да ги спроведе платформата и избирачката програма на ДУИ“, рече Ахмети.
Соединетите Американски Држави воведоа санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети поради „нивна вмешаност во значителна корупција“.
Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.
Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на семејството на Груби.