Фото: Смилковско Езеро, местото на злосторството
Алил Демири, кој за македонските власти е недостапен и беше избеган во Косово, а е осуден на доживотен затвор во случајот „Монструм“, за петкратното убиство кај скопско Смилковско Езеро, беше уапсен прексиноќа во Косово во 22.30 часот при сообраќајна контрола. Тој веќе е на слобода, како што веќе објави МКД.мк, а неговиот косовски адвокат Бесник Бериша за косовските медиуми изјави дека апсењето беше грешка на косовските органи.
Тој нагласи дека Демири беше приведен врз основа на потерница од Интерпол за случај кој, според него, веќе го водел судот на Косово.
„Барањето на властите на Република Северна Македонија за негова екстрадиција е веќе одлучено и одбиено од косовскиот суд во двете инстанци. „Евентуалното ново побарување што може да го поднесат властите на Македонија е прашање кое неколкупати е судено и постапувано. Поради оваа причина, неговото апсење и притвор е грешка и претставува незаконско постапување“, изјави адвокатот.
Вчера македонското МВР објави: „Полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, денеска во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од македонското МВР, баран врз основа на наредба на Oсновниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело тероризам предвидено по член 394 од Кривичен закон. Демири се бара бидејќи е правосилно осуден за петкратното убиство кај Смиљковското езеро“.
Се чини дека косовското МВР практично и не му придаде големо значење на случајот, бидејќи и косовските медиуми за апсењето се повикуваа само на македонското МВР.
Македонското Министерство за правда пак, денеска соопшти дека пет години чека одговор на барањето за екстрадиција на Демири, кој е правосилно осуден на доживотна казна затвор за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро на 12 април 2012 година. Министерството всушност досега добило само еден „одбивачки“ одговор:
„За Алил Демири побарани се две екстрадиции. Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15 март 2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана на 5 септември.2018 година. Во постапките, сѐ што беше побарано од косовските власти беше доставено. Одговор за екстрадицијата од 2018 не е добиен“, соопштуваат од Министерството за правда, дополнувајќи дека екстрадицијата од 2018 година е сѐ уште активна.
Демири, заедно со Африм Исмаиловиќ во 2012 година, побегна во Косово. Година дена подоцна и двајцата беа уапсени од косовската полиција, но обвинети и осудени за нелегална трговија со оружје.
Откако ја одлежаа казната, излегоа од затвор и оттогаш се слободни граѓани на Косово.
На 12 април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. На доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
П.Џ.