сабота, 23 ноември 2024
Судски совет

Адеми: Исходот на оваа постапка ќе ја одреди иднината на македонското судство

Ова не е обична расправа. Исходот на оваа постапка ќе ја одреди судбината на нашето судство. За нас ова е многу значаен историски ден. По исходот на оваа постапка ќе се исцртаат патоказите по кои ќе се движи правосудството во иднина, за неговата независност. Тука станува збор за постапка на одговорност на претседателот на највисокиот суд на државата и ги тангира сите чинители во правосудниот систем, рече претседателката на Врховниот суд Беса Адеми на расправата пред Судскиот совет за нејзина дисциплинска одговорност.

Објавено на

часот

Сподели

Таа додаде дека потегот на Судскиот совет да расправа за нејзино разрешување по дадените изјави за политичко влијание во судството, претставува повреда на слободата на изразување. Нејзината адвокатка Павлина Зефиќ-Јакимовска, посочи дека ваков случај имало во Европскиот суд за човекови права, каде е утврдена повреда на слободата на изразување.

Адеми рече дека  очекува запирање на постапката, а не нејзино разрешување.

„Постапката за разрешување на претседател на суд е уредена со Законот за судови, според кој треба кумулативно да бидат исполнети два услови – да има злоупотреба на службените овластувања и пречеркувања на службените овластувања. Со дејствата кои и се ставаат на товар на претседателката на Врховниот суд, неприсуство на 21 седница на Судскиот совет, нема ниту злоупотреба, ниту пречекорување на службените овластувања“, рече Јакимовска.

Во барањето за дисциплинска одговорност за Беса Адеми пишува дека таа не учествувала на седниците на Судскиот совет од 22 мај до 30 октомври годинава. Во барањето се наведува дека на овој начин Адеми го оневозможила Судскиот совет координирано, активно и ефикасно да презема мерки во рамки на неговите активности и функции, а во насока на гарантирање на самостојноста и независноста.

Адвокатката на Адеми потсети и на препораките од мониторингот на експертите на ЕУ за работата на Судскиот совет со препорака министерот за правда и претседателот на Врховниот суд да не присуствуваат на седниците на Судскиот совет, туку да се обезбедат инструменти на координација за да се обезбеди комуникација и соработка.

Седницата е во тек.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ