„Решението за овој проблем беше ставено на маса со договорот во јули 2022 година, со кој Северна Македонија отвори пристапните преговори со ЕУ, притоа го отпочна и заврши скрининг процесот. Сега, за да се премине на следниот чекор, во согласност со договорот од јули 2022 година, потребно е да се спроведат уставни измени за граѓаните кои се идентификуваат како Бугари. Ова е суверена одлука на самата земја, а не на земјите-членки на ЕУ. Одлуката е во ваши раце“, истакна Гир.
Тој нагласи дека е важно одлуката за започнување на пристапни преговори со Украина и Молдавија да се гледа од контекстот на неоправданата војна на Русија против Украина, како и реформските чекори кои двете земји ги имаат реализирано, иако, како што посочи им претстои долг пат понатаму.
„Мислам дека некои коментатори доста погрешно го толкуваа начинот на којшто беше донесена одлуката. За да биде јасно, одлуката беше донесена од 27, со други зборови едногласно од сите земји-членки и тоа не ја измени суштината. Фактот дека одлуката беше донесена без присуство на една земја не беше обид за измама со која би се отстранила потребната едногласност на сите земји членки. Ова не е решение за ситуација во која една или повеќе земји-членки имаат суштински несогласувања. Едногласноста е најважна и тоа во овој случај беше одлука на 27 земји членки“, вели Гир.
Во однос на можноста за измена на Преговарачката рамка, сега по примерот на нов модел на одлучување, поврзан со „кафето на Орбан, кое му го понуди Шолц“, Гир дециден дека ЕУ не размислува за повторно отворање на документот.
„Првото имплицитно прашање е дали може да се постигне подобар договор. Ги следев дискусиите што се одвиваа од есента 2020 година до договорот во јули 2022 година. Беше тешко и истите беа интензивни. Се направија компромиси од двете страни. Ниту една страна – ниту бугарската, ниту македонската – не беше 100 отсто задоволна. Но, такви се компромисите по природа. Тоа што се постигна, сепак, беше што им се овозможи на Северна Македонија и Бугарија да ги остават овие прашања во минатото, да гледаат кон иднината и решително да тргнат напред. Дали мислам дека може да се преговара за подобар договор? Искрено, не гледам можност за такво нешто. Дали ЕУ е подготвена пак да ја отвори Преговарачката рамка? Мислам дека ЕУ не размислува за повторно отворање на Преговарачката рамка. Тоа е веќе постигнат договор и гледаме напред кон многу други прашања што се натрупуваат на агендата. Вклучително и тоа на што длабоко се надеваме, земјава одлучно да се придвижи нанапред на својот европски пат“, вели Гир.
Со оглед на тоа што уставните измени останаа во позадина на претстојните двојни избори во земјава, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со континуиран став дека не ги прифаќа под бугарски диктат, туку откако ќе дојде на власт, ќе најде друго решение, Гир со порака дека ако партијата е за ЕУ и за преговори, јасно е што треба да стори.
„Па, ако партијата е за ЕУ и пристапни преговори, јасно е што треба да се направи. Имаме договор од јули 2022 година. Имаме отворени пристапни преговори. Процесот на скрининг беше успешен и сега треба да се направат уставните промени за потоа земјата да може да продолжи напред и да се занимава со клучните прашања за кои зборувавме на почетокот – владеењето на правото, борбата против корупцијата – фокусирајќи се на нештата што ќе им го сменат животот на луѓето“, вели Гир.
За упадот во Македонска навигација (М-НАВ) е евентуалната реакција на Еуроконтрол Гир вели дека не следи што прави Еуроконтрол, но дека е очигледно дека ги следи случувањата во овој конкретен случај, имајќи предвид дека предизвика голема загриженост во јавноста.
„Моите колеги се сретнаа со синдикатот, не јас лично. Ставот што го искажавме е доследен со оној што го имаме во однос на јавните именувања во општа смисла, а тоа е дека е неопходно именувањата во јавните институции да се засноваат на заслуги, односно квалификации, искуство и вештини, не врз основа на политичка припадност и лични врски. Исто така кажавме дека во овој конкретен случај државата има обврска да го следи законодавството на ЕУ, особено во однос на раководењето со службата за навигација. Пред сè, државата мора да овозможи соодветно ниво на независност на телото што раководи со службата за навигација и исто така да се осигура дека именувањата на клучни позиции во рамките на самата служба е во согласност со законските прописи, а човечките ресурси се управувани на начин преку кој се почитува безбедноста пред сѐ, ефикасноста и рентабилноста на институцијата. Секако, повикавме на истрага околу сомнежите поврзани со несоодветно надворешно влијание или упад во просториите, а државните органи да преземат активности во зависност од исходот од овие истраги“, вели Гир.
Гир не прецизира што доколку ваков инцидент се случи во контролната кула во некоја земја-членка на ЕУ и какви би биле последиците.
Зборувајќи за „црната листа“ на САД, Извештајот на ЕУ, а поврзани си корупцијата во Македонија, Гир вели дека е добро што толку голем акцент е ставен на корупцијата во јавниот дискурс.
„Некои зборуваат за ендемска корупција, други зборуваат за епидемија, трети ја опишуваат како рак, но сите зборуваме за истата работа: дека има корупција во општеството, една распространетост на корупција што е особено загрижувачка појава. Корупцијата го поткопува економскиот потенцијал на државата, ги поткопува иновациите, претставува еден од оние фактори што ги тера луѓето да ја напуштат земјата и секако претставува извор на нееднаквост и неправда. Затоа е многу загрижувачки што ноемврискиот извештај на Европската комисија кажува дека нема напредок во борбата против корупција. Она што го привлече вниманието и нашата загриженост беа измените на Кривичниот законик. Во тоа време бевме загрижени дека ова ќе доведе до повеќе неказнивост, тука беше и злоупотребата на европското знаменце, но главната загриженост беше дека ова би можело да доведе до поголеми можности за неказнивост. И она што го гледаме случај по случај со текот на времето е зголемена неказнивост, и сега увидовме дека постои празнина во еден дел од законот што приоритетно треба да се затвори. Во извештајот се нотирани и позитивни работи, како што е добрата досегашна работа на Државната комисија за спречување на корупција, како и на Државниот завод за ревизија. Неодамна беа избрани нови членови на ДКСК и од нив очекуваме да го одржат истиот висок стандард како претходните членови, и да продолжат со истата посветеност и интегритет. Секако, не може само ДКСК и ДЗР да го прават тоа, тоа треба да претставува заеднички напор предводен од властите, вклучително и Собранието. Медиумите имаат клучна улога и јас ги поздравувам напорите од страна на истражувачките новинари во изминатите години, како и улогата на укажувачите“, вели Гир.
За случувањата во Судскиот совет, Гир вели дека Судскиот совет игра главна улога и е всушност чувар на независноста, професионализмот и интегритетот на судството.
„Така што можете да ја замислите реакцијата минатата пролет и есен кога видовме како Судскиот совет презема активности без правна основа со разрешувањето на поранешната претседателка, а тоа сега го потврдува и Управниот суд. Бевме навистина загрижени бидејќи видовме дека Советот потфрлуваше по сите основи и затоа предложивме да дојде оценската мисија од група судии, експерти од ЕУ, кои знаат како треба да функционира еден судски совет. Тие донесоа низа препораки, вкупно 40. Мислам дека тоа зборува само за себе, не се пет или десет, туку четириесет, што укажува на опсегот на проблеми со кои се соочува Судскиот совет. Управниот суд донесе одлука Весна Дамевска повторно да се врати на местото претседател на Судскиот совет. Ова е можност ова тело да ги прифати препораките и да се движи напред. Во некое идно сценарио после изборите, новата влада, која и да е таа, и новиот парламент треба да се поригорозни за да се спроведат преостанатите препораки. На тој начин можеме да имаме Судски совет кој навистина ја врши својата работа и се спротивставува на надворешни влијанија. Она што Судскиот совет треба да направи е да ги погледне извештајот и препораките, да види што може да имплементира, имајќи предвид дека тие имаат одговорност не кон оценската мисија или ЕУ, туку кон обичните граѓани кои очекуваат подобро од она што го виделе досега“, смета Гир.
За Планот за раст на земјите од Западен Балкан, Гир вели дека тој претставува огромна можност.
„Затоа што она што се обидува да направи е да поттикне раст тука и во останатите делови на Балканот, бидејќи растот до сега беше сиромашен и блед. Сакаме да видиме многу посилен раст, економски раст и подобрување на животниот стандард што прави реална разлика за луѓето и истовремено ja приближува земјата многу повеќе до Европската Унија. Она што е радикално и ново во врска со овој предлог, а некои од идеите дојдоа од оваа земја и од самиот регион, е да бидат достапни некои од придобивките од Единствениот европски пазар за земјата пред да се приклучите, имајќи предвид дека единствениот пазар е вистинскиот двигател на растот во самата ЕУ. Заедно со многу значителни инвестиции од страната на ЕУ во вид на грантови и заеми, со максимален можен износ до шест милијарди евра, сè уште се разговара со земјите-членки, врз основа на обврската на оваа страна за спроведување конкретни реформи, така што доколку имате пристап до оние делови од пазарот каде можете да се натпреварувате на исто рамниште, а исто така не го оптоварувате пазарот или не ги поткопувате европските стандарди и обврска за интеграција во регионот, отстранување на бариерите низ Западен Балкан за трговија и за економска активност, во согласност со стандардите на ЕУ. Имајќи го предвид сето ова се надеваме дека ќе можеме да ги зајакнеме економиите во регионот и со тоа да го забрзаме процесот на пристапување во ЕУ“, изјави Гир.